Ќе бидат ослободени 670 осудени, а на 3097 лица ќе им биде намалена казната

Собранието на Република Македонија на денешната седница го усвои Законот за амнестија, со кој ќе бидат ослободени од издржување казна затвор приближно 670 правосилно осудени лица на затвор до шест месеци. На 3.097 лица, пак ќе им биде намалена казната за 30 проценти.

Амнестијата не се однесува на лицата осудени со правосилна пресуда за доживотен затвор, за убиство, за силување и педофилија, за тероризам и кривични дела против државата, за кривични дела против јавниот ред и мир, како и за кривични дела против човечноста и меѓународното право.

Амнестијата не се однесува и на лицата кои кривичните дела ги сториле после 20 септември минатата година.

Министерството за правда при подготвувањето на Законот ги имало предвид условите во казнено-поправните установи како институции кои треба да овозможат и обезбедат успешна ресоцијализација на осуденичката популација.

Во Република Македонија од осамостојувањето донесени се повеќе закони за амнестијата во 1991, 1999, 2002 и во 2003 година (ревидиран во 2004 година).

Translate »