Реконструкција на владата, ќе заминат оние кои не покажале резултати

Претседателот на владата Зоран  Заев најави почеток на разговори за проширување на парламентарното мнозинство и за промени во владиниот кабинет. Во април ќе заминат министри, заменици и државни секретари кои досега не ја оправдале довербата.

Sitzung der mazedonischen Regierung (Press service of the Macedonian Government )

„Оваа недела започнувам разговори за зголемување на парламентарното мнозинство“, најавил лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев на синоќешната седница на партискиот Централен одбор.

„Целта е преку разговор со други политички субјекти да обезбедиме поширока поддршка на реформскиот процес и на реализација на Планот 3-6-9. Во оваа насока оставаме простор, преку политички дијалог и со опозицијата, клучните закони, за коишто е потребно пошироко мнозинство, да бидат донесени и со учество на опозицијата“, порачал Заев.

Од денеска ќе почнат разговори со партии на етничките зедници, чии пратеници уште пред неколку месеци ја напуштија опозициската коалиција во ВМРО-ДПМНЕ и сега дејствуваат во Собранието како независни. Начелно се започнати и разговори со „Беса“, која е поделена на две крила, а во парламентот има пет пратеници. Доколку биде постигнат договор, тие пет, и двата пратеника на ДПА, би го зголемиле  владеајачкото мнозинство со седум пратеници.

Резултатите ќе одлучуваат

Зголемувањето на парламентарното мнозинство ќе влијае во најавената реконструкција на Владата, и додека не завршат разговорите со партиите нема да се знае поделбата на ресорите и функциите во клучните ешалони, ниту кои министри заминуваат, а кои остануваат. Засега нема потврда дали по неодамнешната оставка на министерот за правда Билен Саљији ќе се побрза со ново кадровско решение со цел да продолжат активностите околу законските проекти за правосудни реформи, или ресорот ќе чека да се заокружи целиот пакет на кадровска реконструкција. Таа, според најавите, би требало да заврши најдоцна во првата половина на април.

Пролетното проветрување на Владата кое беше најавено од премиерот на почетокот во февруари, е со цел да се зголеми ефикасноста и да се оцени кои министри, заменици, државни секретари ја оправдале дадената шанса, а кои не.

„Тоа што значи неуспешност во менаџирањето на една институција, не може да заврши како рефлексија во самата институција. Ќе следуваат кадровски промени. Не сакам никој да ја изгуби шансата. Ако не е за првото место, можеби ќе биде за второто, третото, четвртото… Има огромен дел кои многу сакаат да се докажат, но не знаат. Има дел кои знаат и се трудат. Има дел кои ниту знаат, ниту се трудат. Рекапитуларот ќе се случи по десетте месеци од стартот на Владата, кога на дел од нив ќе им се заблагодариме. Немаме многу време, а граѓаните чекаат резултати“, најави Заев во интервју за БИРН.

Постигнатите резултати, посветеноста врз решавање на проблемите на граѓаните и моралниот кредибилитет на функционерите ќе бидат пресудни за оценката кој останува, а кој заминува од владиниот кабинет. Според партиски извори, тоа било јасно предочено на синоќешната седница на ЦО на СДСМ – дека позиците може да се зачуваат само со работа и видливи и мерливи резултати. Не се зборувало за конкретни имиња, но извесно е дека дел од функционерите ќе мора да заминат поради незадволителни резултати, а други поради тоа што одредени ресори или позиции ќе им припаднат на новите партнери во мнозинството.

Постигнатите резултати, посветеноста врз решавање на проблемите на граѓаните и моралниот кредибилитет на функционерите ќе бидат пресудни за оценката кој останува, а кој заминува од Владата

Опозицијата критикува

Овие процеси за промени се случуваат и во период кога власта е мета на жестока критика од опозицијата за неисполнети ветувања.

„Имаме држава во која рушењето е главна активност, ништо ново не доградија од претходно, ниту пак нешто ново почнаа да градат. Главниот проблем е што не прават ништо. Не работат. Сликата за Македонија не е розова како што изгледа од удобните фотелји во зградата на ‘Илинденска’, туку вистинската слика е на терен, меѓу граѓаните кои го живеат секојдневието“, обвини претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Таквите критики СДСМ ги отфрла.

„Ја раздвиживме економијата. Зголемувањето на минималната плата дава конкретни резултати, се отвори спиралата на раст на платите. Со укинување на радиодифузната такса, воведување на евтина тарифа на струјата, зголемени и навремени субвенции – повеќе пари остануваат во семејните буџети. Меѓународниот успех што го постигнавме позитивно влијае врз имиџот на земјава, а тоа се рефлектира и врз економијата. Потпишани се договори за инвестирање со 9 странски компании, а се разговара со уште други 20 странски, како и повеќе домашни компании што сакаат да инвестираат. Очекуваме ефектите да бидат уште поизразени“, рекол Заев на седницата на ЦО.

Министерот за финансии Драган Тевдовски соопшти дека просечната нето плата во јануари годинава изнесува 24.025 денари, и е за 5,6 отсто повисока во споредба со истиот месец лани, кога изнесувала 22.750 денари. Воедно, тоа е и најголем раст на платите од 2010 година до денес. По обвинувањата на опозицијата дека не пораснале платите, туку е променет моделот на пресметување, Тевдовски потенцира дека бројките се добиени од реално исплатени плати, што може да се заклучи и од порастот на прилив од уплатен персонален данок на доход .Преземено од dw.com/mk

Translate »