ЗНМ:Филип Петровски и Тони Михајловски не се казнети за повикување на линч против новинарите

Здружението на новинари на Македонија ja посочи партијата ВМРО-ДПМНЕ како поттикнувач на насилствата што  биле направени минатата година врз новинарите и медиумските работници. Зад 90 отсто од нападите, рече претседателот Насер Селамни, стои оваа партија, која во тоа време беше на власт.

Освен од надворешни насилници, истражувањето за состојбата со новинарството од минатата година, покажува дека новинарите се соочуваат со закани и внатре во редакциите. Сопствениците, рече Селмани, вербално ги навредуваат и физички им се закануваат со насилство на новинарите да не критикуваат.

-Можете да сфатите во каква атмосфера работат новинарите во редакциите – рече тој.

Минатата година имало 18 нови напади врз новинари, од кои 13 се физички и вербални напади, додека останатите се: навреди, попречување во работата и уништување на нивниот имот.

Како најбрутален напад ЗНМ го оцени насилството за време на крвавиот четврток.

-На 27-ми парил приврзаници на ВМРО-ДПМНЕ насилно влегоа во Собранието за да спречат формирање на нова Влада. Физички ги нападнаа новинарите и снимателите и ги спречија да известуваат – рече Селмни.

Здружението регистрирало случаи на тепање на новинари, киднапирање, смртни закани, прогласување на предавници и јавен линч, а сепак ниеден од напаѓачите не е изнесен пред лицето на правдата. Ниеден од насилниците, рече Селмани, не е казнет од институциите.

-Обвинителството не покрена постапка за бројните примери на говор на омраза и јавно повикување линч против новинари. Останаа неказнети повиците за конечно расчистување со новинарите кои работат за медиумите на Сорос упатени од поранешниот директор на Државниот архив, Филип Петровски. Без пријава за говор на омраза помина и поранешниот директор на Македонскиот народен театар, кој преку социјалната мрежа фејсбук упати смртни закани кон новинарот Бранко Тричковски. Неказнети останаа и познатите тројки на ВМРО-ДПМНЕ, кои спроведуваа кампањи на навредување и застрашување на новинарите – посочи Селмани.

Еден од жрвите на тие тројки, потсети тој, беше новинарот Борјан Јовановски, кој беше плукнат во лице од тројките додека вечерал во ресторан. Насилниците не се пронајдени, иако новинарот препознал еден од нив на прес конференција на Никола Груевски.

-Освен што немаат безбедност, новинарите во Македонија работат во исклучително лоши економски услови. Имаа мали и нередовни плати, а немаат ни договори за трајно вработување – додаде Селмани.

Според истражувањето на ССНМ, 45 отсто од нив имаат помали плати од македонскиот просек, а на мнозинството им доцнат платите.

-Ваквата лоша состојба сопствениците на медиумите ја користат за притисок и да влијаат врз нивното пишување. Тие им се закануваат со отпуштање, па дури и со физичко насилство за да не ги критикуваат големите огласувачи – посочи тој.

Од ЗНМ сметаат дека ниту новата власт не покажува особен интерес за безбедноста на новинарите, а обвинителството е тромо кога станува збор за овие случаи. Дека има двоен аршин во постапувањето, рече Селмани, покажува тоа што нападите врз пратеници од крвавиот четврток се веќе процесуирани, но не и нападите врз новинарите. Подобрување на состојбата, од ЗНМ сметаат дека е можно само преку притисок кон институциите да си ја вршат својата работа.

 

Translate »