Привилегирани професии во Македонија од 1930-1940

Во најпривилегирана состојба беа „високите“ државни службеници со декрет поставувани од кралската власт: околискиот началник, председателот на судот, началникот на даночната управа, командирот на жандармериската станица, началикот на финансиската управа, директорот и професорите во училиштата, платените функционери во владејачката странка и т.н. Врвна и неприкосновена власт беше „народниот пратеник“ (господинот пратеник). Тоа беше Душан Перовиќ, човек кој беше дојден од мајчината си, со бедно оделце и стари кондури, а само за кратко време се збогати толку колку што можеше да му посака душата. Беше неприкосовен господар на сî и сешто. Неговиот збор не можеше да се преиначи – како ќе речеше тој, така ќе беше. А сиромавиот народ го бираше на изборите, кои повеќе личеа на фарса, зашто однапред се знаеше дека тој ќе победи. Тешко ли си му на оној бедник, што немаше да гласа за него. Душан Перовиќ беше заштитен знак на кралската власт, на монархијата, на српската буржуаска структура, на великосрпскиот национал – шовинизам. Тој можеше да те тужи, да те суди, да те ограбува, да те уништи и, на крајот, да не ти дозволи ни „пис“ да речеш!

Имаше уште двајца лоши луѓе во Кавадарци кои му ја сечеа и дереа кожата на населението. Тоа беа: Раде Павловиќ и Драгиша Цветковиќ, и двајцата адвокати кои секогаш имаа доволно „работа“, зошто севезден државата некого го тужеше и тие мораа „да ги бранат“ тужените – за дебели пари. Она што не смее да остане нерегистрирано кога веќе зборуваме за тоа време и за тогашните настани во Кавадарци, е фактот дека најмаркантна улога на целата монархистичко – буржуаска власт на кралот Александар и по неговата смрт на ренегатите, беше тоталната национална, културна, духовна, асимилација на македонскиот народ.

Официјален јазик беше српскиот и со него единствено можеше да се комуницира во сите државни институции, во контактите со службените лица, во училиштата и секаде каде што човекот беше принуден да бара каква било услуга, или правда. Секој обид да се зборува на мајчиниот, македонски јазик беше ерес. Жените беа сосема запоставени кога стануваше збор за вработување и можност преку државна работа да се обезбеди егзистенција. Во тие години на прсти се броеа жените вработени во државна институција: две – три учителки, десетина жени во монополот и толку!

Од книгата  „Вистински приказни за вечни сеќавања, Кавадарци 1900-1945“, од Зорка Тодорова Младеновиќ, Кавадарци 2010 г. 

Translate »