Ципрас и Заев во Давос
Надежите се подигнати на високо ниво, а според дипломатски извори, „се очекува од двајцата премиери да произлезат нови импулси на соработка и изрази на добра волја, кои ќе им дадат дополнителна енергија на разговорите“пишува Дојче веле.
Клучна средба! И грчките медиуми, но и дипломатски извори во Македонија и Грција, со овие два збора ја дефинираат денешната средба меѓу премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас на маргините на Светскиот економски форум во Давос. Ако во декември 2015 година бившиот шеф на македонската дипломатија Никола Попоски тврдеше дека „планини стојат помеѓу Македонија и Грција во спорот за името“, денешната средба во планинското гратче на швајцарските алпи треба да покаже дали и колку од тие планини досега се освоени.
Блага симболика за тежината на претстојните разговори, беше дури и фактот дека не е ни лесно да се стигне до Давос. Поради обилните врнежи од снег, какви што според домаќините не биле забележани во последните 18 години, вчера бројни делегации имаа проблем како да ги поминат последните два километри до завеаниот монденски центар. Според грчките медиуми, низ истите проблеми вчера поминал и Ципрас. Македонскиот премиер стигнува во Давос денеска, а акцентот не е на двата последни километри до Давос, туку на најтешките километри што треба да ги поминат Скопје и Атина за да се сретнат на една точка наречена компромис.
Изрази на добра волја
Што се очекува од средбата, кој треба да почна почне по 13 часот? И покрај дискрецијата со која се проследени разговорите кои преминаа и на највисоко – премиерско ниво, дипломатски извори за ДВ откриваат дека „постојат многу високи очекувања од оваа средба“. Според нив, таа може да биде пресвртна, еден вид лакмус во каква насока ќе продолжи процесот. Надежите се подигнати на високо ниво, бидејќи „се очекува од двете страни да произлезат нови импулси на соработка и да бидат промовирани изрази на добра волја, кои ќе им дадат дополнителна енергија на разговорите во духот на пријателството, соработката, добрососедството и идното сојузништво во ЕУ“.
Медиумите во Грција досега повеќе пати објавуваа дека од политички кругови во Атина произлегуваат ставови оти постои позитивна клима за разговори за спорот, но би било добро таа да биде поткрепена и со симболични изрази на добра волја од страна на северниот сосед. Како пример за тоа го наведуваа преименувањето на одредени објекти и патишта, а од страна на Грција – насочување на средства од повеќе фондови за важни инфраструктурни проекти од заеднички интерес.
Очекувањата се подигнати и кај јужниот сосед, без оглед што средбата Заев – Ципрас се одржува меѓу два протести во Грција, по оној од 21-ви јануари во Солун и пред следниот закажан за 4-ти февруари во пристаништето Пиреја.
Очекувања од денешната средба навести и шефот на грчката дипломатија.
„Одредени теми за кои ќе се разговара на 24-ти јануари во Давос, ќе покажат каде се движиме“, изјави Коѕијас.
Портпаролот на грчката влада на редовниот брифинг со новинарите најави дека на агендата разговори меѓу македонскиот и грчкиот премиер ќе се најдат сите прашања, и изрази надеж дека ќе има напредок.
„На средбата Заев-Ципрас очекуваме да се направи напредок кон изнаоѓање на едно заемно прифатливо решение“, рече портпаролот Димитрис Ѕанакопулос.
Слични оценки нотираат и медиумите.
„Владини и дипломатски извори велат дека на средбата не е исклучено да има и соопштенија кои ќе испратат порака дека двете страни одлучно одат напред кон решение. Висок владин извор потенцира дека ‘решението ќе се најде на највисоко ниво’“, објави „То вима“.
Левичарски ориентираниот весник „Авги“, кој важи за гласник на „Сириза“ објави дека „на маргините на форумот можеби ќе се направи еден важен чекор за решавање на македонското прашање за време на средбата на двајцата премиери“.
„Решена да продолжи со избраниот пат и да преговара за името, се чини дека раководството на владата порачува оти митингот во Солун не ги менува работите и дека не може да влијае на процесот (…) По средбата во Давос, веројатно е дека на почетокот на февруари, разговорите ќе продолжат меѓу двајцата министри за надворешни работи, кои исто така ќе бидат присутни во Давос. Како што додаваат добро информирани владини извори, разговорите на ниво на преговарачи го исцрпија нивниот потенцијал“, објави „Катимерини“.
Медиумите пишуваат дека ако на средбата во Давос има „напредок и нешто конкретно“, не е исклучена можноста Ципрас за тоа да ги информира лидерите на грчките политички партии. Според портпаролот на грчката влада, засега не е познато кои би биле чекорите на владата, но ако постои некаква разврска таа ќе преземе иницијативи за да се создаде најширок можен консензус за изнаоѓање решение.
Заев и Ципрас на средби со Хан
Тоа нема да биде лесно, имајќи предвид со каква атмосфера се соочува Ципрас во Грција.
„Ципрас во Давос оди сам. Сам против неговиот владин сојузник, сам против опозицијата, сам против митинзите и расположенијата на јавното мислење што се рефлектираат во анкетите. Очигледно, премиерот ќе се врати од швајцарското одморалиште и повторно ќе биде сам. Останува да се види дали тој ќе се осмели да го преземе мечот во услови на политичка осаменост“, пишува „Та неа“.
Силна поддршка за процесот на решавање на спорот се очекува Ципрас да добие и од другите соговорници со кои утре ќе има билатерални средби во Давос, пред се од комесарот за соседска политка и проширување, Јоханес Хан.
„На средбата со комесарот за проширување, Јоханес Хан, се очекува Ципрас да разговара за состојбите во регионот, а особено во земјите од Западен Балкан. Атина ја истакнува особената тежина, позиција и став на Грција по прашањата за проширување, како и зајакнување на европската перспектива на земјите од регионот“, оценува „Катимерини“.
Грчкиот премиер утре ќе се сретне и со албанскиот премиер, Еди Рама, со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, но и со потпретседателот на руската влада, Аркадиј Дворковиќ.
Богата агенда ќе има и македонскиот премиер. Тој во петок ќе има средба со еврокомесарот Хан и со директорката за Европа на Светскиот економски форум, Мартина Ларкин. Во текот на работниот престој на Светскиот економски форум Заев ќе ги проследи специјалните обраќања на францускиот претседател Емануел Макрон, на претседател на Европска Комисија, Жан Клод Јункер, на британската премиерка Тереза Меј, на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и на германската канцеларка Ангела Меркел. Во Давос тој ќе оствари повеќе работни состаноци и билатерални средби со потенцијални инвеститори и бизнис лидери, а ќе учествува во панел дискусии на темите: „Новите лидери на Европските средби“, „Креирање на споделена иднина во поделениот свет“, „Прозорец на можности за Европа“ и „Забрзување на долгорочниот развој на Западен Балкан“. Автор Катерина Блажевска. Текстот е преземен од Доче веле http://www.dw.com/mk