Како психолозите го објаснуваат бегството на Груевски
Откако поранешниот македонски премиер, Никола Груевски на Фејсбук деновиве објави дека е во Будимпешта и дека поради закани по живот ќе бара политички азил, многу од неговите симпатизери ја поздравија ваквата одлука.
Од коментарите на Фејсбук може да се види дека го нарекуваат војвода, дека му посакуваат среќа, го поздравуваат неговиот потег да избега. Понатаму, имаше и такви кои го поздравуваат и унгарскиот премиер, Виктор Орбан, му порачуваат на Груевски да ужива во Будимпешта, и дека ќе се видат во подобри времиња. За некои од нив е син на Македонија, патриот, но имаше и такви кои го нарекоа со погрдни имиња.
„Приказната дека жртвата станува херој е од многу стара и може да се најде уште во Светото писмо. На некој начин оваа приказна се повторува во многу други случаи. Многу социопати, криминалци, убијци, на разни начини имаат тенденција да се претстават како жртви. Тој ја игра улогата на жртва на политички прогон, и во случајот одлично ја познава психологијата на луѓето. И не само тој, туку и целиот актуелен политички естаблишмент. Тие практично играат улога и на херои и спасители, а тој е снаодлив човек, некој кој успева да се спаси. Секој Македонец кој во овие околности се чувствува мизерно, го посакува истото – да избега и да се спаси. Луѓето се идентификуваат со него. Така привлекува симпатии, некои од нив му се воодушевуваат, иако тоа е дискутабилно. Мислам дека за овој социо-психолошки феномен каде луѓето им се воодушевуваат на личности кои се инкриминирани, психолозите и социолозите треба јавно да зборуваат. Ова е пример како еден народ, не само Македонците, туку сите коишто живеат во Македонија се веднат и им им се воодушевуваат на личности без морал, без доблести кон кои треба да ги насочуваме идните генерации“, објаснува психилогот Лидија Зорба.
Според неа, после начинот на кој беше „избран“ Талат Џафери за претседател на Собранието, кој учествувал во паравоени структури кои работеле против интересите на Македонија, сѐ друго е ефтин театар со неспретни глумци кои немаат никаков легитимитет да одлучуваат за иднината на државата.
„Тие треба да си дадат оставка и да им го препуштат местото на луѓе кои имаат образование, работно искуство и морал за да можат да одлучуваат за иднината на македонскиот народ и за Македонија. Пратениците и луѓето во политиката на една држава треба да го сакаат својот народ и да ги бранат интересите на својата држава. Тие не смеат да ги лажат луѓето кои ги избрале. Во спротивно, местото не им е во Владата, Собранието или други државни функции“, вели Зорба.
Груевски наместо да одлежи две години затвор за случајот „Тенк“ избега во Унгарија, каде ќе бара политички азил. Не се знае како без пасош стигнал во оваа земја. Постапката за азил на поранешниот премиер Никола Груевски може да трае до 60 дена, според процедурите во Унгарија. Унгарскиот премиер Виктор Орбан, потврди дека поранешниот македонски премиер Никола Груевски е во Будимпешта и дека тамошните власти го обработуваат неговото барање за азил во согласност со домашните и меѓународните закони.
prezemeno od Faktor.mk