Неделкова: Срам ми е што постои судија како Вангеловски
Кривичната пријава против врховната судијка, Лидија Неделкова е распределена кај надлежен обвинител. Се преземаат први конкретни чекори во предистражна фаза за да се проверат фактите наведени во пријавата која ја поднесе Врховниот суд на чело со Јово Вангеловски. Сепак, од обвинителството посочуваат дека откако ќе се утврдат фактите и доказите, ќе се донесе одлука дали има основ Неделкова да се гони кривично. Највисокиот суд пак денеска и јавно ги објави двете писма кои Неделкова ги испратила до Кривичниот суд со насоки како да постапуваат со предметите на Специјалното обвинителство. Според Врховен, документот е со невистинита содржина, а Неделкова без да одржи седница дала наредба и направила фалсификат.
За врховната судијка Лидија Неделкова кривичната пријава е неоснована.
„Не треба висок степен на писменост за да се разбере содржината на објавеното писмо за кое некој смета дека не е вистинито. Немам намера да ја коментирам непрофесионалноста на подносителот на кривичната пријава, тоа е општо познато. Срам ми е што постои ваков судија и срамно е да се разговара за ваквата негова постапка. Повеќе од очигледно е дека реформите во судството треба да бидат во професионалниот капацитет и интегритет на судиите“ – изјави Лидија Неделкова, врховен судија
Кривичната пријава на шефот на Врховен, Јово Вангеловски против неговата претходничка, Лидија Неделкова доаѓа во момент кога Судскиот совет треба да пресече по иницијативата за разрешување на Вангеловски за нестручно постапување. Со одлуките на Врховен и на Јово Вангеловски, кој е кум на поранешниот спикер на Собранието Трајко Вељановски од ВМРО ДПМНЕ, во бегство се даде бизнисменот Сеад Кочан како и неразделниот двоец од УБК, Горан Грујевски и Никола Бошковски. Со повторното враќање на Јово Вангеловски на челната позиција во највисокиот суд, следуваше експресно преместување на Лидија Неделкова од Кривичниот совет за да не работи на предмети поврзани со СЈО. Преземено од Алсат.