ВМРО-ДПМНЕ: Неосновано се држат во притвор 10-ци граѓани

СДСМ ја гази демократијата и го деградира владеењето на правото. Република Македонија станува држава во која законите се само на хартија. Трет месец неосновано се држат во притвор десетици граѓани како дел од политички монтиран случај. Лекари, актери, архитекти и видни општествени дејци се дел од политичкиот прогон што го врши власта врз неделожни луѓе чиј единствен грев е што имаат спротивни политички убедувања од Зоран Заев, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата наведуваат дека притворените се соочуваат со кршење на нивните права во речиси сите фази во постапката, а притворот е користен како средство за тортура врз политички неподобните.

„Кршењето на слободата и правата на притворените и сомнеж за владеењето на правото во Република Македонија под власта на СДСМ поради политичките прогони изрази и комесарот за човекови права на Советот на Европа, институцијата која ја донесе Европската конвенција за човекови права. Укажување кое беше занемарено од страна на власта. Кршењата на правата и непочитувањето на постапката беше нотирано и од Народниот правобранител. Факт кој исто така беше игнориран од страна на властите и МВР, кое се јави како прекршител на правата на уапсените“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Дополнително, велат од партијата, осомничените се држени подолг период во притвор без притоа да биде преземено  какво било дејствие во постапката против нив.

„Тоа јасно укажува на неоснованоста на истрагите и безидејноста на ОЈО кое очигледно само извршува нечии наредби. Судот кому му се сервираат сите овие конструкции мора да се издигне над моменталната ситуација на хаос и тортура од страна на властите и да работи исклучиво по Устав и закон. Судот може да го запре овој прогон и да ги ослободи од притвор неосновано притворените граѓани. Судот мора да покаже дека има сила да ги спроведува законите. Во рацете на судот останува одбраната на демократијата. Мудрите и законски чекори на правосудството ќе придонесат Македонија да го задржи својот од кон ЕУ и НАТО. Институции чии единствени постулати се темелени на правото и демократијата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Translate »