Заев: Достоинството и идентитетот се многу важни во преговорите со Грција
Достоинството и идентитетот се многу важни во преговорите со Грција, истакна меѓу другото премиерот Зоран Заев, одговорајќи на новинарски прашања при денешната посета на Неготино. Тој рече дека нема да изнесува детали, за, како што нагласи, да не излезе дека се преговара преку медиумите.
– Медијаторот Нимиц го води процесот, тој ги знае во суштина работите кои можат да поминат, кои не можат да поминат кај едната и кај другата страна. Важно е да се гради довербата помеѓу двете страни во функција на решавање на проблемот. Мене ми е драго што се разглобени во суштина сите отворени прашања. Ако тргнеме од некои седум позиции кои беа појдовните точки на разговорите, знам дека веќе е намалено на четири позиции, три се отстранети. Јас верувам дека со политиката на новата Влада многу брзо ќе можат да се отклонат и другите позиции, изјави Заев.