Вработена на аеродромскиот шалтер спасила две девојчиња, од канџите на трговците со луѓе
Две тинејџерки биле спасени од канџите на трговците на луѓе благодарение на брзата реакција на жената агент на американска авио-компанија .Дениз Миракл агент во “American Airlines”, на Меѓународниот аеродром Сакраменто во Калифорнија, работела на пултот за карти од 31. август минатата година, кога и пришле две тинејџерки, на возраст од 15 и 17 години.
“Девојчињата сакаа да се качат на лет за Њујорк. Имаа малку багаж и никакви документи за идентификација, ниту возрасно лице со нив”, рекла Миракл. Тоа и било чудно, но кога видела дека девојчињата имаат карти во прва класа, купени он-лајн преку кредитна картичка и тоа под име кое не се поклопувало со нивните имиња, се посомневала дека се случува нешто чудно. Освен тоа, картите биле во еден правец.
“Тоа беа карти за прва класа. Многу се скапи. Му кажав на надзорникот дека ќе му се јавам на шерифот. Нешто, едноставно, не беше како што треба”, рекла Миракл.
До моментот кога помошниците на шерифот дошле на аеродромот, девојчињата веќе признале дека картите им ги купил човек кој се вика Дреј, а го запознале на Инстаграм.
Дреј им рекол дека ќе им даде по 2.000 долари за учество во музички спот ако дојдат во Њујорк преку викендот.
Властите го пронашле Дреј на социјалните мрежи, но тој ги исклучил сите профили кога воспоставиле контакт со него.
“Го побаравме на Инстаграм. Само неколку минути откако воспоставивме контакт, тој ги избриша сите профили”, рекол заменик шерифот Тод Сендерсон.
Сендерсон седнал со девојчињата и им објаснил што значи тоа што имаат карти во една насока, за да сфатат дека може се да им се случи.
“Најпрво не веруваа дека тоа е вистина. Кажаа дека не би дозволиле да им се случи нешто што не сакаат. Им одговорив дека немало да имаат избор”, вели шерифот.
Девојчињата по инцидентот биле вратени кај родителите, кои биле во шок – ќерките им рекле дека ќе преспијат кај пријателка.
“American Airlines” ја пофалиле Миракл за храбрата постапка, додавајќи дека се покажало колку е важна посебната обука која ја обезбедуваат за своите работници.