Компромисите се болни, но неопходни-Меркел за името

“Проблемот со името меѓу Македонија и Грција треба да биде решен, а притисокот во преговорите не би бил многу од корист”, порача денеска германската канцеларка Ангела Меркел на заедничката прес- конференција со премиерот Зоран Заев по нивната средба во Берлин. Нејзиниот впечаток, како што рече, е дека за прв пат после една деценија кај двете страни имаат интерес за решавање на прашањето и тоа е добар предуслов. Според неа, изјавите за таквите прашања понекогаш може да штетат отколку да користат во процесот.

„Им верувам на двете страни дека со оваа желба за решение на проблемот ќе бидат внимателни, грижливо ќе се однесуваат кон тоа. Секој треба да знае што може да даде. Компромисите се секогаш болни. Тоа секој го знае од својот политички живот. Знаете секој компромис што ќе го направите е болен, но тој мора да може да се реализира и токму тука треба да се најде патот. Тоа е висока дипломатска уметност и за тоа не треба да се зборува на прес- конференција, туку зад затворени врати“, рече Меркел.

Заев истакна дека на Владата и останува да ја заврши домашната задача, да продолжи интензивно со реформите, како и решавање на проблемот со Грција. Според него, се работи за деликатни и тешки прашања, но Владата е посветена за изнаоѓање на решенија во кои ќе бидат вклучени претседателот и опозицијата, а ќе се бара одобрување и од граѓаните.

Во однос на евентуалните обиди од Русија да ја спречи евроатланската интеграција на Македонија како во случајот со Црна Гора, Заев одговори дека Македонија е мала, пријателска земја која сака да гради односи со сите, вклучително и Русија.

Translate »