Арсовски: 5 работи кои не би ги направил

Душко Арсовски е новинар со 20 годишно искуство. Кариерата ја започна во Македонското Радио, а  потоа искуството го калеше во Скај Нет ТВ, МТВ, Алфа ТВ, Светскиот сервис на Би-Би-Си и сега во МТВ.  Jавноста  го памети  по тоа дека во 2005-та доби награда „Прашање на годината“ упатено до тогашниот претседавач со Самитот на ЕУ Тони Блер, по кое беше соопштено дека Македонија стана земја кандидат за членство во Унијата. Беше член на извршниот одбор на ЗНМ, а исто така беше и дел од Одборот за доделување на државната награда “Мито Хаџивасилев -Јасмин”.
 Како стипендист на американскиот Стејт Департмент  своето знаење го  доусоврши на Државниот Универзитет на Ново Мексико. Во моментов е уредник за надворешна политика во МТВ. За “Радар ” одговори кои 5 работи никогаш не би ги направил:
2005 година Душко Арсовски со посредникот Метју Нимиц
  1. Не би гласал против закон за драконски казни за сообраќајни прекршоци

 

Ова што се случува на улиците и патиштата низ Македонија, мислам дека го нема никаде на друго место. Излегуваат како на тацна сите лични и колективни фрустрации, сета некултура, непочитување на другиот, порив да се напакости, излегуваат дури и случаи што се граничат со здравиот разум. Тука не помага ништо друго освен драконски казни без опомени. И не само со пари, туку и со одземање на возачки дозволи, заплена на возила и секако затвор. Затоа очекувам и посакувам измени во законот, а јас, ако бидам во можност, никогаш не би гласал против!

 

Душко Арсовски со Папата Франциско во Ватикан 

 

  1. Не би им простил на политичарите што развија порно-индустрија со нашиот мозок

 

Дел од фрустрациите од погоре делумно се резултат на тоа што македонскиот граѓанин е во постојано исчекување дека ќе дојде подобро време. И така на многумина родени во осумдесеттите, на пример, повеќе од половина живот им помина во неизвесност без јасни контури за иднината што, ќе признаете, фрустрира, депримира и, меѓу другото, произведува лоши карактери и штетно однесување. Најголема вина за ова имаат политичките елити кои низ сите години од независноста додека нѐ раководеа, ветуваа едно, мислеа друго, а правеа трето. Стотиците илјади македонски граѓани кои не можеа да им простат за ова злодело станаа емигранти. Не им простувам ни јас, но засега останувам овде.

 

  1. Не би притиснал копче за нуклеарен напад

 

Отсекогаш сум се чудел на потребата човекот да работи сам против себе. Почнува војни, сече шуми, произведува отровна храна, развива оружје за мосовно уништување и врв на сѐ, прави проби за нуклеарен напад. Бидејќи сите сме поврзани на многу начини, без оглед на кој дел од Земјата живееме, не можам да разберам како тој ист човек мисли дека ќе преживее во едни вакви околности. Едно е да се пркоси на туѓ систем на општетствено уредување ( кој во некои држави го нарекуваат империјализам на САД), сосема друго кога цената за тоа треба да се плати во ужас од епохални размери. Затоа кај мене  предност имаат дипломатските алатки со студени глави и никогаш не би дал наредба за нуклеарен напад.

Душко Арсовски со сопругата Емилија и ќерката 

 

  1. Не би јадел глувци и кучешко месо

 

Оние кои ме познаваат, знаат дека сум гурман и за готвење и за јадење. Немам предрасуди кон гастрономската традиција на која било национална кујна. Најнеобичното што сум го јадел беа панирани инсекти со ориз. И покрај сѐ, немам храброст да пробам кучешко месо, како што прават Кинезите, или зготвен стаорец, како во Индија и во некои африкански држави. Тешко дека ќе ме убедат дури и бројните сведоштва на оние што пробале, дека месото е меко и многу вкусно. Бидејќи ние гурманите во секоја храна гледаме приказна и правиме филм со секој оброк, овој со кучиња и стаорци е прилично одвратен посебно што се работи за домашни миленици, додуша вторите повеќе како натрапници во домовите .

 

  1. Не би убил животно

 

Наспроти тоа што сакам храна со месо, од мене никогаш нема да стане ловџија или месар. Тоа е за храбри луѓе кои можат емотивно да поднесат убиство од ваков вид. За риболов, пак, немам трпение. Секоја чест на оние кои уживаат во вакви спортски дициплини без многу адреналин . Но, затоа немам проблем да ги исчистам рибите и да ги зготвам на кој било начин. Во оваа категорија под убиства не спаѓаат комарците и мувите.

 

 

Translate »