Заев: Дел од судиите кои му служеа на Груевски сега сакаат да ми служат мене
Премиерот Зоран Заев синоќа во Берлин, на крајот на работната посета на Германија рече дека дел од судиите што му служеа на режимот на Груевски сега сакаат да му служат немупренесува дописникот на СДК
На дебатата за Македонија организирана од Фондацијата Фридрих Еберт од германските учесници му беше поставено прашањето: Како тој ќе ја спроведе судската реформа за да обезбеди независно судство, со оглед на тоа што дел од судиите му служеа на авторитарниот режим?
Заев одговори: „Дел од истите судии сега се обидуваат да бидат добри и со нас. Но, не е потребно да бидат такви, туку треба само да си работат и да си го следат законот“.
Тој најави и дека за настаните во кумановско Диво насеље во мај 2015 година ќе биде повикан меѓународен мониторинг.
„Тоа беше болен период од политичката криза во Македонија. Мора да се одговори на сите прашања. Прво на национално ниво да се заврши истражниот процес, а потоа ќе биде инволвиран и независен меѓународен мониторинг“, рече Заев.
Дебатата се одвиваше на крајот на денот откако Заев ги заврши официјалните средби со канцеларката Ангела Меркел и сојузниот претседател Франк Валтер Штајнмаер.
Дебатата ја отвори претседавачот на Фондацијата Курт Бек, кој го потврди интересот на Германија за Македонија и за целиот регион.
Пред бројните парламентарци, поранешни и актуелни амбасадори и експерти од политиката, говореше и Михаел Рот, државен министер во германското МНР кој се осврна на вредностите на Европската Унија, на различноста на земјите од Балканот и неопходноста од враќање на кредибилитет, градењето на доверба и помирување. Според него важно е постоечките проблеми да се решат, па потоа без товари земјите да станат дел од ЕУ.
Заев рече дека „интересот на Русија, Турција и Кина е голем“ за регионот.
„Но, нема алтернатива за ЕУ, не само поради тоа што сме дел од Европа, туку и затоа што тежнееме кон вредностите на ЕУ, можеби повеќе и од граѓаните на земјите на Унијата. Тежнееме кон демократија, владеење на правото, слобода на медиумите, кон подобар живот на сите граѓани“, рече Заев.
На прашањето до каде ќе оди во решавањето на сопрот за името со Грција, Заев одговори: „Градење доверба до конечната одлука која ќе биде достоинствена и прифатлива за граѓаните на двете земји. И да се биде реален. Голема смелост е да се биде реален“.
На дискусијата присуствуваа бројни актуелни и поранешни амбасадори. Меѓу нив беше и грчкиот амбасадот Теодорос Даскаролис кој по дебатата во релаксирана атмосфера долго разговараше со македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров. Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, пак, муабетеше со поранешната германска амбасадорка во Скопје Гудрун Штајнекер.