Павлопулос: Промена на уставот и име кое нема да зрачи со иредентизам

Промена на Уставот и име кое нема да зрачи иредентизам, а ќе обезбеди три гаранции: „не“ за промена на границите, „не“ за етнички заедници вон границите и „не“ за јазик што би настојувал на права вон границите. Ова, според грчкиот претседател Прокопис Павлопулос, се предусловите за решавање на спорот за името и постигнување договор меѓу Атина и Скопје.

– Прво да го сменат нивниот Устав, а потоа, кога ќе стигнеме до каков било договор, во овој договор ќе има име кое нема да зрачи иредентизам. И кога велиме иредентизам мислиме на три работи: не може во никој случај ова име да подразбира промена на границите. Второ, не може ова име да упатува на етничка припадност вон границите на ПЈРМ. И трето, не може ова име да упатува на јазик надвор од границите, што би предизвикало малцински права и во оваа област. Овие три работи се факт, изјави Павлопулос, вчера од грчката општина Пиндас-Колиндру, каде што беше прогласен за почесен граѓанин.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, Павлопулос потенцираше дека е потребна промена на Уставот како основен предуслов за решение, но и „за заштита на самиот премиер на ПЈРМ“.

– Не може во моментот кога доаѓаат да се договорат за компромисот кон кој и тие се стремат, да ти кажат: овој компромис ќе го направиме, но не можеме сега да го смениме Уставот, ќе го смениме во иднина. Дали е тоа демократска земја? Премиерот на оваа земја не разбира каква опасност предизвикува самиот кога изјавува дека е спремен да потпише еден договор што е спротивен со Уставот? Можете да си замислите некој лидер од Западот, од ЕУ, да кажеше такво нешто? – додаде Павлопулос, објави МИА.

 

Translate »