Катругалос: Ќе има решение за името,за Уставот,ќе биде ерга омнес и ќе биде трајно
Алтернативниот министер за надворешни работи на Грција Јоргос Катругалос и одговорниот за надворешна политика во опозициската Нова демократија Јоргос Кумуцакос имаат различни ставови за можностите за решение. Катругалос е оптимист, вели дека постои моментум и добри намери од двете страни и смета дека е веројатно да се постигне договор, Кумуцакос пак, вели дека погрешното управување со прашањето во внатрешноста на земјата, го затвори прозорецот на можност за решение.
Како што јави дописникот на МИА од Атина, во синоќешната емисија „Фокус“ на грчката државна телевизија ЕРТ, Катругалос и Кумуцакос говореа за позициите на власта и опозицијата.
– Имаме национална линија од 2007. Сложено име што ќе ја разликува грчката и историската Македонија од соседната земја, да нема никакво прашање поврзано со иредентизмот, договор што ќе биде комплетен и да има трајни карактеристики. Ние прв пат додадовме и една додатна гаранција, нешто што до сега го немаат ставено други влади, промена на Уставот за да се обезбедат уставни карактеристики, објасни алтернативниот министер за надворешни работи на Грција.
Тој истакна дека моментумот постои исто како и добрите намери и од двете страни, како и прозорецот на можност, и додаде дека не може со сигурност да се каже дали ќе се постигне договор, но кажа дека преговорите одат напред.
На прашањето, колку е веројатно решението на спорот со името, Катругалос смета дека е толку веројатно, што ќе стигне во Парламентот.
– Ако донесеме решение ќе ги има карактеристиките што ги кажавме. Ќе има решение: за името, за Уставот, ќе биде ерга омнес и ќе биде трајно, објасни Катругалос, додавајќи дека доколку се постигне ваков договор, тогаш нема да го доведе во незгодна ситуација коалициониот партнер во владата, Независни Грци.
Грчкиот алтернативен министер за надворешни работи, објасни дека изјавата на македонскиот премиер за грчкиот Устав, во Грција, била погрешно пренесена и толкувана, бидејќи „Заев рече да видиме што вели грчкиот Устав, па и ние да го сториме истото “.
Одговорниот за надворешна политика во опозициската Нова демократија, Јоргос Кумуцакос, рече дека спорот со името, како и секое големо дипломатско прашање има две димензии – надворешниот аспект, односно што се случува на дипломатското поле и внатрешната димензија, односно во внатрешноста на земјата.
– Ние уште од почетокот кажавме дека карактеристиките што се собраа во надворешната димензија даваат слика дека постои можност. Зошто го велиме тоа? Бидејќи сега, имаме умерена влада во Скопје, не постои притисок врз Грција, како притисокот што го имавме ние (пред Букурешт), што го почувствувавме како влада. Тогаш имаше огромен притисок врз нас од Американците. Секако постои и нешто друго, а тоа е дека и општеството и владата во Скопје знаат, почувствуваа 10 години што значи да се надвор од НАТО и ЕУ, што беше всушност и политиката од Букурешт, рече Кумуцакос, но објасни дека овие поволности за евентуално решение биле засенети од внатрешните проблеми во грчката влада, почнувајќи од различните позиции на Коѕијас и Каменос.
– Погрешното управување со прашањето во внатрешноста, го затвори прозорецот на можност во надворешноста, додаде одговорниот за надворешна политика во опозициската партија. Кумуцакос повтори дека за Нова демократија, за да постои решение тоа треба да ги вклучува: името, имплементацијата, иредентизмот и Уставот.
Во емисијата на грчката државна телевизија ЕРТ, Кумуцакос рече дека од средбата што ја имал со шефот на македонската дипломатија во рамките на Минхенската безбедносна конференција, добил впечаток дека „работите се многу отежнати во споредба со тоа како беа на почетокот“.