Американскиот помошник државен секретар Вес Мичел доаѓа во Скопје
Американскиот помошник државен-секретар за Европа и Евроазија, Вес Мичел денеска пристигнува во Скопје, како втора дестинација во рамки на неговата турнеја низ земјите од Западен Балкан.
Мичел во Скопје, како што веќе објави МИА, ќе се сретне со премиерот Зоран Заев и со министерот за надворешни работи Никола Димитров.
Заев и Мичел по заедничката средба ќе дадат изјави за медиумите.
Премиерот Заев посетата на високиот претставник на Стејт департментот на Скопје ја оцени како потврда на пријателството, но и поддршка за евроатлантските интегративни процеси на Македонија.
Заев вчера нагласи дека Мичел доаѓа во време кога Македонија сака да ја унапреди соработката со стратешките партнери.
– Една од главните стратешки цели на РМ е НАТО, а земјата е буквално на чекор од членството во Алијансата. Ова може да биде од огромна помош. Ќе разговараме за соработката на двете земји, но и за НАТО перспективите, ќе имаме поддршка и за нашата интеграција во ЕУ, бидејќи таа е стратешки партнер, рече Заев коментираќи ја посетата на Мичел.
Шефот на македонската дипломатија Димитров вчера најави дека прашањето за името ќе биде една од главните теми на средбата со Мичел.
– Мислам дека состанокот ќе тргне со тоа прашање. Тоа ќе биде прилика да го запознаеме со динамиката во процесот за надминување на разликата околу името, рече Димитров и додаде дека од македонска страна ќе биде поставено и прашањето за шансите Македонија годинава да стане дел од НАТО, за динамиката на одлуките на Самитот на Алијансата во јули оваа година, како и некои други прашања во контекст на перспективите на регионот.
За спорот за името се очекува да се разговара и на средбите што Мичел на 15 март во Атина ќе ги има со претставници на Владата на Грција. Според најавата од Стејт демартментот, Мичел со грчките власти ќе разговара и за продлабочување на односите меѓу САД и Грција, зајакнување на билатералата соработка, особено во областите на одбраната, енергетиката, трговијата и инвестициите.
Мичел вчера ја почна својата турнеја по земјите од Балканот со посетата на Приштина, а ќе трае до 17 март. Тој освен Приштина и Скопје ќе ги посети и Белград, Атина и Никозија.