Џијан Емин: Спојот на технологијата и музиката ни омозможи цел свет да го слушне Охридското Езеро
Сите знаеме како изгледа Охридското езеро, но ретко кој од нас би можел да ги замисли звуците на нашиот македонски бисер како уникатно музичко дело.
Благодарение на неограничениот потенцијал на технологијата и креативноста на еден од најиновативните домашни композитори, Џијан Емин, сега имаме можност да уживаме во „Гласот на Охридското Езеро“.
„Гласот на Охридското Езеро“ е иницијатива на Македонски Телеком, кој својата традиционална соработка со Охридско лето, годинава ја збогати со необично и храбро музичко патување и направи идеален спој на технологијата, музиката и природата.
Овој едукативен проект нè потсетува на безвременската убавина на Охридското Езеро, a воедно ја подига свеста за неговата непроценлива вредност и важноста за неговото зачувување со сите средства вклучувајќи ја и технологијата.
Затоа разговаравме со Џијан Емин кој несомнено успеа во предизвикот и ја преточи и силата и кревкоста на езерото во уникатен звук, пред кој никој не останува рамнодушен.
Како се случи проектот „Гласот на езерото“?
Идејата за проектот дојде сосем случајно, во еден непосреден разговор со Василије Чорлука, креативниот директор во Публицис и е резултат на соработката помеѓу Македонски Телеком и Охридско лето. Секако, поттикнати од актуелните случувања околу Охридското Езеро, веднаш се согласивме дека би било добро со помош на можностите што ги пружа технологијата да направиме нешто што можеби ќе има некакво влијание и ќе придонесе за подигнување на свеста кај луѓето за природата воопшто и за Охридското Езеро, конкретно. Технологијата има длабоко социјална компонента, ни овозможува да останеме поврзани, да комуницираме меѓу себе побрзо и полесно од било кога во историјата, и да ја користиме за добро! Мислам дека со овој проект ги споивме технологијата, музиката и природата за добро, овозможувајќи целиот свет да слушне како звучи езерото. Ова е уникатен проект кој благодарение на Македонски Телеком ќе остане и за идните генерации.
Која е пораката која овој проект сака да ја пренесе?
Основната идеја и намера е подигнување на свеста кај луѓето за подобро разбирање на природата, со надеж дека ќе почнеме да се грижиме повеќе за нашите природни богатства, како што е Охридското Езеро. Сите сме сведоци на нашето самоуништување. Убеден сум дека со иста леснотија можеме да го правиме спротивното и со малку љубов насочена кон природата ќе ни се врати десеткратно повеќе.
Како му звучи Охридското Езеро на еден музичар?
Претпоставувам дека на секој музичар му звучи различно и секој би имал посебен пристап кон изнаоѓање различни решенија за музичка илустрација на езерото, за да може да го претстави во сите негови светла, бои, состојби…или уште подлабоко –да може да ги слушне силата, кревкоста и мудроста која езерото ја напластува низ времето.
На кој начин Ве инспирира Охридското Езеро?
Не верувам дека постои човек – музичар кај кого езерото не разбудило воздишки. Секој миг и поглед вперен кон езерото е огромна инспирација. Утрото со најубавиот мир, играта на водата со сончевите зраци преку целиот ден, неверојатните слики од зајдисонце, полна месечина над езерото, кајче на сред езеро,.. би можел да набројувам уште многу ситуации кои секој што бил во Охрид ги доживеал. Охридскот Езеро е магично место кое е извор на енергија.
Дали овој проект ѝ додава душа на технологијата или технологија на музиката?
Технологијата со својот брз развој помага во полесно и побрзо изнаоѓање решенија за одредени задачи и цели. Сепак, технологијата без вистинска идеја која произлегува од духот нема уметничко значење самата по себе. За мене е најдобро кога се спојуваат добра идеја и квалитетна технологија со најдобронамерна цел.