Нова бурна ноќ во Белград: Четири часа улични борби, полицијата повторно тепаше новинари
Синоќа во Белград, но и Нови Сад, Ниш и Крагујевац беа одржани протести на кои илјадници граѓани го изразија своето незадоволство поради најавеното воведување на рестриктивни мерки поради коронавирусот.
Полицијата после повеќе од четири часа улични борби, користејќи пендреци, солзавец и единици за разбивање на демонстрации успеа да ги растера демонстрантите и да го “ослободи” централното градско подрачје на српската престолнина.
Министерот за внатрешни работи Небојша Стефановиќ соопшти дека најмалку 19 полицајци се повредени, меѓутоа ниту тој, ниту пак државните медиуми кои се под директна контрола на власта не известуваат за полициската бруталност и тепањето на новинари.
Имено, синоќа српската полиција во Белград нападна неколку новинарски екипи кои уредно се легитимирале. Две новинарки на “nova.rs” биле нападнати додека известувале од местото на инцидентите, една од нив била турната од полицајци, а друга била удрена по прстите и полицаец ѝ го фрлил телефонот.
„Двете новинарки се легитимирале на полицајците, но тоа не ги интересирало и продолжија да ги туркаат и напаѓаат“, соопштија од споменатиот медиум.