Коѕијас пристигна во Скопје со владин авион

 Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас со владин авион пристигна на скопскиот аеродром, во прва посета на земјата по неговото преименување во Меѓународен аеродром Скопје, како една од отстапките на македонската Влада во процесот на преговорите за името.

Никос Коѕијас (Фото: МИА)

Ова е прв пат по 12 години грчки авион да слета на скопскиот аеродром.

Коѕијас беше пречекан од македонска делегација, а вечерва ќе има работна вечера со шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, како подготовка за утрешната богата агенда, организирана за грчкиот министер.

Шефот на грчката дипломатија утре ќе има средби со неговиот македонски колега Никола Димитров, со премиерот Зоран Заев, со вицепремиерот Бујар Османи, со претседателот на Собранието Талат Џафери и со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, Христијан Мицкоски и Али Ахмети.

На средбите се очекува да се разговара за позициите на Скопје и Атина по меѓусебната размена на нацрт-договори за решавање на прашањето за името, за кои, шефот на македонската дипломатија Димитров, во понеделникот рече дека се разликуваат еден од друг.

Коѕијас нема да се сретне со претседателот Ѓорге Иванов, а тоа, како што велат во кабинетот на шефот на државата, не било ни побарано од грчка страна.

Грчките медиуми во контекст на посетата на Коѕијас објавуваат дека по разменетите нацрт-спогодби, преговорите за името влегуваат во клучна фаза. Најспорни точки меѓу Атина и Скопје се грчкото барање за промена на македонскиот Устав, спектарот на употреба на новото име, но и идентитетот.

Од македонска страна, пак, како што објави МИА, повеќепати беше нагласено дека треба да се најде достоинствено решение за името со почитување на идентитетот, без промени на Уставот.

По дводневните разговори во Скопје, министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас ќе имаат нова средба на 30 март во Виена на која ќе биде и посредникот на ОН, Метју Нимиц/МИА

Translate »