Џејмс Пердју- И Грција и Македонија ќе добијат награда ако постигнат договор за името, во спротивно ќе платат цена
Џејмс Пердју, еден од кумовите на Охридскиот договор , за Дојче Веле на грчки јазик вели дека сега е “магичен момент ” двете страни, Грција и Македонија, да го решат спорот со името. ” Сега ,повеќе од порано , сум оптимист. Верувам дека ќе се најде решение за името. Премиерите на Атина и Скопје се заинтересирани да го решат спорот и ги гледат предностите ако го окончаат проблемот. Двете земји соработуваат на финансиски, но и на други нивоа. Ова е магичен момент да се надмине спорот , мислам дека ќе има награда за двете земји кога ќе се случи тоа,” истакна Пердју.
Според поранешниот американски амбасадор во Македонија , за Скопје наградата би била влез во НАТО, за што земјата е подготвена уште од 2008-ма година. Во врска со влезот во ЕУ , Пердју не сакаше да дава прогнози, бидејќи , како што истакна, процедурата е многу покомплицирана и бара време. Што се однесува за Грција, Пердју рече: “Не знам каква награда би можела Атина да добие. Тоа го знаат преговарачите. Но мислам дека во тоа ќе помогнат ЕУ и САД”.
Според Пердју, ако овој момент не се искористи за да се реши името , постои можност од дестабилизација на двете земји. Тој нагласи дека во случај преговорите да бидат неуспешни и двете страни ќе мораат да ја платат цената .
“Грција мора да прифати дека терминот Македонија мора да биде дел од новото име, “истакна Пердју за грчкиот сервис на ДВ.