Џафери: Напаѓачите извикувале -“Сите ќе ве убиеме,нема да излезете од тука”
Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска во Кривичниот суд сведочи за нападот врз пратеникот и лидер на Алијансата за Албанците Зијадин Села во Парламентот на 27 април минатата година.
Џафери прво одговара на прашања обвинителот од ЈОРМ Дарко Јакимовски, а потоа и на одбаната на обвинетите.
Сведочењето го почна со објаснување на случувањата во собранскиот прес-центар. Рече дека се почнало околу 19 часот кога група граѓани насилно влегле во прес-центарот на Собранието.
– Насилно почнаа да напаѓаат, прво физички, а потоа и со сета опрема што се користеше како средство за напад врз сите нас, пратеници, медиуми и сите што бевме во прес-центарот. Зоран Заев, Оливер Спасовски, Горан Мисовски, Александар Кирацовски, Дамјан Манчевски, Весел Мемеди, Сурија Рушити и Зијадин Села направија кордон пред мене и јас се повлеков поназад. Покрај мене беше и снимателот на ТВ 24. Лица кои застанаа во моја заштита, покрај пратениците, беа и од обезбедувањето на Оливер Спасовски, рече Џафери.
Како што посочи, напаѓачите извикувале „сите ќе ве убиеме, нема да излезете од тука“.
По него, за настаните во Собранието на 27 април лани, треба да сведочат и министерот Дамјан Манчевски и пратеникот Александар Кирацовски.
На претходните рочишта сведочеа неколку сведоци, меѓу кои и Зијадин Села. Тие зборуваа за случувањата и насилството што се случи врз Села на 27 април 2017 година кога Талат Џафери беше избран за претседател на Собранието на РМ.
Во овој случај обвинети се Кире и Цане Ѓорѓиевски, Оливер Ошавковски, Саша Ценков, Николче Димитриевски, Александар Јаневски – Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски, Коста Делов и Стојан Павловски – Кобра.
На претходните рочишта обвинетите за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села се изјаснија за невини. Тие пред Судот кажаа дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат виновни и оти тоа ќе го докажат во натамошната постапка.
За овој предмет, месецов се закажани пет рочишта.
(МИА)