Наместо на нива, првпат ги однесов децата во Охрид! Луѓе мои, тоа било живот!
Кога влегов во 30 година од животот речиси сите големи“ животни задачи“ ми беа завршени. Бев мажена со три деца и работев повеќе од десет години. Се вработив многу млада.Не ме биваше многу за учење, моите беа сиромашни, и на неполни 18 години веќе бев работничка.
Набрзо и се омажив. Живеевме заедно со свекор ми,свекрвата и помладиот девер во мала куќа со само три соби и летно кујниче.Бев млада и јака и работев по цел ден. Од работа, продожував по дома, со децата, а кога ќе се вратеше Живко од работа,ќе појдевме на нива да му помогнеме на свекорот.
Работев и делник и празник,а годишните одмори ги поминував на нива. Ништо не ми беше тешко, и откако, по години, успеавме нешто да заштедиме, решивме со Живко да си направиме куќиче башка.
Тој беше градежен работник и ми викаше “ не се секирај ќе ги соберам другарите и барем за рака нема да даваме пари.“ Ама градењето идеше бавно оти пари се собираа тешко. Се течеше како во песната “дома работа,работа дома“ се до еден ден…..
Бев на работа кога раководителката ме викна да дојдам во канцеларија. Се качив, а таму освен мојот шеф и мојата раководителка беше и шефот на Живко со уште двајца. Ми кажаа седни, ми дадоа чаша вода и кажаа “Живко падна од скеле и бог да го прости“ ….
Не знаев веќе ништо за себе,ништо што збореа не разбирав, знам само дека ме дигнаа и ми рекоа дома ќе те однесеме. Дома ме чекаше хаос. Свекрвата плачеше,си кубеше коси, деверот го придржуваше татко му на кој му се слоши оти беше шеќераш, трите деца стиснати во ќоше се држеа за раце и плачеа.
Го погребавме. Сандакот беше затворен, а јас мојот Живко више не го видов. Се продолжи, ама ништо не беше исто.Морав да бидам и татко и мајка, да продолжам каде застанавме,само сега сама.
После неколку години успеав и куќата да ја поднаправам толку колку, да се вселиме со децата. Девојчето веќе тргна во средно и како и сите деца кога ќе влезат во нова средина почна повеќе да бара. Летниот распуст вообичаено го минувавмев на нива, каде сите работевме. Но нештата почнаа да се менуваат.
Една вечер сите тројца, како по договор, ме седнаа и ми кажаа: “Мамо ајде и ние да појдеме негде за распуст, не на нива туку на вистински одмор.“
За првпат во живот помислив “ Леле боже, па јас никогаш не сум излегла нигде од ова село. Само до работа и до Скопје , и тоа само тогаш кога нешто морало големо да се купи.“
Цела ноќ око не склопив. На работа жените збореа за годишни одмори, но тие муабети поминуваа покрај мене без да ги слушнам, немав пари, немав време, потпората ми загина…
Сабајлето го пречекав решена да ги израдувам и децата , а и себе. Кога се распрашав на работа ми кажаа иди или Дојран или Охрид, ем е тука, ем и нашки зборат. Не можам да опишам која радост дома беше.
Појдовме во Охрид со гајбичка домати и пиперки од нашата бавча. А таму кога стигнавме, луѓе мои, јас не сум видела толку многу вода во мојот живот,еден син бескрај од само вода.
Се ми беше првпат, да лежам по цел ден без работа, да се брцнам во вода да се разладам,да јадам на плажа, да немам никаква обврска и за првпат да ги гледам децата по цел ден како се смеат и бањаат. Во себе длабоко знаев дека и Живко би се радувал, гледајќи не.
Вистинска приказна на една Македонка