ВМРО-ДПМНЕ: Заев и неговата влада само нижат порази, ниту една победа
Македонија не доби ниту безусловна покана за НАТО, ниту датум за почеток на преговори со Европската Унија, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, пред седиштето на партијата.
Тој побара од министерот за надворешни работи, Никола Димитров, и премиерот Зоран Заев да поднесат оставка бидејќи, како што рече, двајцата ја донеле Македонија во ќор-сокак.
Портпаролот на опозициската партија додаде дека условите за членство во НАТО, Македонија ги има исполнето уште во 2008 година и сите последователни извештаи го потврдуваат тој напредок. Според него, Заев ја ставил земјата да биде заложник на исклучително штетен договор кој во својата основа е капитулантско дело.
„Македонија не станува членка на НАТО, Македонија нема датум за почеток на преговори со Европската Унија. Зоран Заев, Никола Димитров и Радмила Шекеринска остварија уште еден тежок пораз за Македонија“, додаде Стоилковски.