Како дојде “техниката” во Кавадарци: До Неготино и назад!

Некогаш во предвоено Кавадарци немаше моторни возила, освен еден стар и амортизиран автобус на Милутин Гркот, кој возеше само на релација Кавадарци-Неготино и тоа  ‘’ кога ќе му текне”. Тоа значеше оти многу често се случуваше автобусот да прибере патници, тие да се сместат во автобусот, да се наместат бовчите и старите од прачки плетени куфери и автобусот да откаже како за инает – никако да се вклучи моторот. Ќе вртеа со курбла, ќе чепка нешто двајца – тројца “механичари “околу моторот, но, без фајде!

Како магаре на мост ќе се „укочеше“ автобусот – ни да мрдне! Некогаш ќе успееше да запали со туркање и тогаш тоа беше вистинска радост и за газдата, и за возачот и за патниците. И кога ќе тргнеше автобусот, тоа се уште не значеше дека ќе стигне до „Свети Ѓорѓи“ (како што во тоа време се викаше железничката станица во Неготино).

Маренските уши, угорнината, беше првата посериозна пречка и ако веќе ја качеше угорницата, тогаш имаше добри изгледи да стигне до железничката станица. Ако не тргнеше автобусот, тука некаде во близина беше подготвен и пајтонот на Мишо Чункишот, кој од страна насмеан гледаше и го молеше бога да не се вклучи моторот, да не тргне автобусот, зашто тогаш патниците се грабаа за место во неговиот пајтон, мераклиски дотеран, со два добро нахранети коња и со него навистина нешто побавно, но сигурно ќе стигнеш до Неготино.

Навистина во тоа време малку луѓе патуваа од едно во друго место, особено од Кавадарци до Скопје или чувал господ, подалеку. Како дошло до тоа да се купи автобус во Кавадарци – не знам. Но кога дојде автобусот во Кавадарци, личеше како „Свети Илија да се симнал од небото“. Се собираа луѓето, го гледаа тоа ѓаволско чудо кое наеднаш можеше да собере и да превезе и тоа само за половина саат педесетина луѓе до Неготино.

Првите денови кога веќе беше пуштен во сообраќај, на секое тргнување, ќе се собереше народ како на панаѓуриште. А среќните корисници на возењето, се прчеа седнати на едно од седиштата. Од кога ќе се вратеа од патот, сите распрашуваа како тоа изгледа и како човекот се чуствува кога се вози со автобус. Не помнам од каде автобусот се снабдувал со гориво, ниту дали имало механичари за поправка на моторот но знам дека благодарение на милутиновиот (или „грковиот“ автобус како што го викаа популарно) неколку лица научија да ракуваат со возилото, а во прв ред децата на Милутин, кои подоцна станаа професионални возачи на луксузни коли и сопственици на исти такви, бележити марки на лимузини. Така дојде „техниката“ во Кавадарци.

 

Од книгата  „Вистински приказни за вечни сеќавања, Кавадарци 1900-1945“, од Зорка Тодорова Младеновиќ, Кавадарци 2010 г. 

Translate »