Делницата Демир Капија – Смоквица свечено се пушта во употреба

Со свечена церемонија  денеска ќе биде пуштена во употреба автопатската делница Демир Капија – Смоквица, последниот дел од Коридорот 10 низ Македонија. Се работи за последните 28 километри од автопатот „Пријателство“, чија изградба започна во септември 2012 година. Претходната Влада на Груевски како краен рок за завршување на делницата го постави септември 2016 година, но не успеа дотогаш да ги заврши работите.

Автопатот на релацијата Демир Капија – Смоквица се градеше со 130 милиони евра средства од Европската инвестициска банка, со кредит од 107 милиони евра Европската банка за обнова и развој и со 45 милиони евра грант од Европската Комисија.

На  церемонијата ќе присуствува премиерот Зоран Заев, претставници на Директоратот за проширување на ЕУ, претставници на Делегацијата на ЕУ во Македонија, членови на Владата, претставници на општините низ кои поминува автопатот, како и претставник на грчката влада.

Од контроверзната градба на овој дел од автопатот „Пријателство“, произлегоа две големи финансиски истраги.

Oбвинителството на Грција отвори случај за финансиски криминал против изведувачот грчката фирма „Актор“, а  предистрага за перење милионски суми отвори и Специјалното јавно обвинителство.

 

Translate »