Муамед Сејдини: ФФМ секогаш ќе овозможува најдобри услови за репрезентациите. Честитки за футсал селекцијата
Македонската футсал репрезентација со три победи против Грција, Албанија и Сан Марино го заврши настапот на претквалификацискиот турнир и обезбеди место во следната фаза за пласман на Светското првенство. Нашата футсал селекција ќе се соочи со Украина, Словенија и Косово во главната квалификациска фазакоја во октомври ќе ја огранизираат украинците.
Македонскиот футсал национален состав со освојувањето на првото место во групата дава надеж и поттик дека овој период ќе биде резултатски позитивен за нашите национални тимови кои ги очекуваат бројни натпревари кои ги организира Фудбалската федерација на Македонија. Во таа насока, ФФМ дава целосна поддршка, логистичка и организациска, сѐ со цел нашите селекции да бидат на ниво на најдобрите европски селекции.
– Поминавме неколку денови со футсал репрезентацијата и мораме да ги пофалиме момците во тимот. Меѓусебно се почитуваат, пријателството се гледа на секој чекор и таа добра атмосфера која ја краси репрезентацијата ја пренесоа и на теренот. Честитки за првото место, се надеваме дека оваа енергија и мотив ќе ја пренесат и на квалификациите во Украина кога ќе се бориме за едно од првите две места. Исто така, како Федерација нѐ радува тоа што турнирот организациски помина на најдобро ниво, а потврда за тоа се и комплиментите кои ги добивме и од репрезентациите учесници на турнирот и од УЕФА, изјави в.д. претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.
Во следниот период неколку македонски национални тимови ќе одиграат контролни натпревари со цел подобро да се подготват за важните квалификациски натпревари кои ни следуваат. Македонската репрезентација до 21 година во турска Анталија идниот месец ќе учествува на „Купот Анталија“ каде што ќе одигра контролни дуели со Летонија, Казакхстан, Украина и Естонија.
Македонија до 19 години од 21. до 26. март ќе биде домаќин на развоен турнир на кој ќе учествуваат Саудиска Арабија, Грузија и Азербејџан. Контролни натпревари овој и следниот месец ќе одиграат и Македонија до 15 години против Полска и генерацииите 2004. и 2005. од Академијата на ФФМ. Два пријателски натпревари против Албанија се закажани за селекцијата до 18 години.
-Иако очите на јавноста најмногу се вперени кон А репрезентацијата, ние секако се грижиме и им ја даваме целосната поддршка на сите национални селекции. Во овој период имаме закажано бројни контролни турнири се со цел репрезентациите да имаат добра подготовка за квалификациите. На крајот, тоа е основната работа на ФФМ, максимално да се грижи за сите национални тимови и да им овозможува најдобри услови за работа, вели Сејдини.
Сите овие активности потврдуваат дека за да се оствари позитивен резултат треба постојано да се биде на терен, во контакти со луѓето од федерациите, да се слушнат барањата и проблемите и да се најде начин тоа да се надмине. Сето тоа за да функционира како што треба, секако важна е поддржката на УЕФА и ФИФА.Доколку сакаме успеси, мора да постои единство, токму како во фудбалска екипа. Тоа го посакувам и сега, да работиме заеднички за напредок на македонскиот фудбал и за развој на репрезентацијата и клубовите, дециден е Сејдини.