Анѓушев ја продаде својата ЕДС на грчкото електростопанство за 4,8 милиони евра
Воопшто не беше лесно, напротив, беше тежок процес, но мислам дека направив добро и за компанијата и вработените, со овие зборови вицепремиерот Кочо Анѓушев ја обзнани продажбата на својата ЕДС, на грчкото Елекстростопанство – ППЦ, за сума од 4,8 милиони евра. Зборот е збор, како што кажав така и направив, рече Анѓушев откако претходно без присуство на камери го потпиша договорот за продажба со извршниот директор на ППЦ, Манолис Панајотакис. Трансакцијата, вели, беше максимално транспарентна и целосно законска, а две врвни меѓународни ревизорски куќи направиле евалуација на цената, иако смета дека таа можела да биде и повисока, ако не беше стопирана либерализацијата на пазарот на струја. Парите ги очекува за дваесетина дена, вели, согласно законите, за нив ќе плати персонален данок и ќе ги прикаже во анкетниот лист. Горд сум, пример за учебник е како почнав од стартап, практично од нула, и компанијата ја развив во успешен бизнис, вели Анѓушев.
„Јас сум навистина со мешани чувства, бидејќи од една страна мислам дека направив добар чекор за иднината на компанијата, бидејќи денеска, сега, зад таа компанија стои еден гигант во енергетскиот сектор во регионот, таа има пет милијарди евра годишен промет, поголем од буџетот на РМ, и 15 милијарди евра капитал во електрани, далекуводи и слично, мислам дека со таков ветер во грбот ЕДС ќе има прекрасна иднина“, вели Анѓушев.
Парите имаат вредност само ако се инвестираат, вели вицепремиерот, средствата од продажбата тој ќе ги вложи во дејностите што најдобро ги знае, инженерството, енергетиката, можеби во финансискиот сектор.
Тој со порака и до своите политички противници, кои и денеска ја критикуваа продажбата.
„Мислам дека денеска ќе се срамат сите оние кои од овој настан се обидоа да прават политички проблем, кои импутираа одредени дејствија врзани со политичкиот систем. Никогаш повеќе во земјава да не се меша приватниот бизнис и политиката, ова да биде заборавена историја“, рече Анѓушев.
ЕДС се занимава со трговија на струја, присутна во 7 земји, и брои 40 вработени, денеска лично директорот од Грција им ги гарантирал работните места. Таа беше ќерка на компанијата Фероинвест на Анѓушев, под која практично спаѓаат сите негови бизниси, и во кои работат 800 лица.
Панајотакис изјавил дека ППЦ купува исклучителна компанија, која со спојувањето ќе стане уште помоќна во рамките на овој голем систем.