„Нови можности, нови авантури“: Отворен спортско-рекреативниот комплекс крај Прилепското езеро

Прилепското езеро го враќа својот сјај благодарение на проектот „Прилепско езеро – нови авантури, нови можности“. Ова парче природа лоцирано на самиот излез од Прилеп отсекогаш имало потенцијал да биде атрактивно туристичко и излетничко место, а сега го добива вниманието кое го заслужува преку Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК),

Градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски, денеска пред присутните ги претстави реализираните активности од потпроектот „Прилепско езеро – нови авантури, нови можности“ и го отвори спортско-рекреативниот комплекс стациониран покрај Прилепското езеро.

Пристапот до езерото сега е подобрен поради изградбата на 35-метарска пристапна улица, а истата води до паркинг со капацитет од дваесетина возила. Алтернативно, до спортско-рекреативниот центар може да се стигне и пеш преку двете патеки во должина од 750 метри. Новоизградениот комплекс е локација на кој Општината може да биде горда: мултинаменскиот простор опремен со 3 летниковци, 20 клупи и платформа за одржување културни манифестации им дава можност на локалните жители да најдат ново катче за забавни и рекреативни активности. Во склоп на комплексот се изградени и кошаркарско и одбојкарско игралиште, трим патеки, а поставени се и пинг понг маси за љубителите на спортските активности да можат да ги тестираат своите вештини.

„Обезбедени се 50 милиони денари, од кои 6 милиони денари се учество на Општина Прилеп, а останатите се инвестиција од Владата и Европската унија. Со изградбата на овој комплекс ќе се врати сјајот на Прилепското езеро. Ќе се вратат излетите, дружењата, граѓаните ќе имаат можност за рекреација и ќе уживаат во природата. Најважен дел од проектот е мултимедијалниот простор, на кој има летниковци, клупи и платформа каде ќе се одржуваат различни културни манифестации. На тој начин, граѓаните на Прилеп и туристите кои ќе го посетат комплексот ќе бидат задоволни од она што овој комплекс ќе го понуди во иднина“, изјави градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски.

Целосно осветлен и приспособен за мештаните од различни возрасни групи, овој комплекс има за цел да ја зголеми пристапноста до нови содржини за активен туризам за домашните и странските туристи, да го прошири спектарот на забавни активности за жителите на Прилеп и да го врати некогашниот сјај на еден од најубавите краеви од Пелагонија, лоциран покрај Прилепското езеро. За тоа ќе помогне и реконструираната велосипедската патека во должина од 7,3 километри која се протега од „Маркова чешма“ до селото Присад, која со растечкиот интерес за велосипедскиот туризам, се очекува да понуди ново доживување и постојана дестинација на илјадниците авантуристи годишно кои решаваат да ги разгледаат убавините на прилепскиот крај на две тркала.

Потпроектот „Прилепско езеро – нови авантури, нови можности“ се спроведува како дел од Проектот за регионална и локална конкурентност (ПЛРК). Тој е финансиран од страна на Европската Унија и од Владата на Република Северна Македонија, преку Проектот за локална и регионална конкурентност. Проектот го администрира Светска Банка, а истиот се спроведува од Кабинетот на потпретседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори. Целта на Проектот е да го зголеми учеството на туризмот во локалниот економски развој преку подобрување на инфраструктурата, унапредување на капацитетите за сместување и угостителство, збогатување на туристичката понуда и зголемување на конкурентноста на туристичкиот сектор.

Повеќе за ПЛРК дознајте на: https://lrcp.mk/

Translate »