Неделков: Не може минималната плата да расте, а другите плати да стојат
Претседателот на СОНК, Јаким Неделков вели дека во моментот не е задоволен со платите на просветните работници и оти покачувањето за кое се изборија пред две години веќе не е исто како тогаш.
-Заводот за статистика не објавува колку е стапката на инфлација во Македонија, но ние знаеме пред две години колку беа цените на основните продукти за храна. Еве веќе имаме, колегите од друг Синдикат излегуваат и соопштуваат колкава е потрошувачката кошничка во Република Македонија и споредено со претходниот месец, или претходната година – колку е зголемена. Од таа причина, морам да кажам дека вработените во дејноста обравозание, наука и култура не се задоволни од порастот на платите и дефинитивно просветните работници заслужуваат многу повеќе, рече Неделков во интервју за Радио Слободна Европа.
Потсети дека просветните работници пред две години бараа зголемување од 25 отсто, а добија кумулативно зголемување од 22 проценти. Појаснува дека нивното барање се должеше на зголемувањето на минималната плата.
Вели, проблемот е што платите не се усогласуваат согласно минималната плата на национално ниво.
-Согласно Законот за минималната плата на национално ниво, секое поместување на минималната плата што во моментот е 15.200 мора да се направат корекции на сите плати во државата во однос на тоа колку е поместена минималната плата. Ние сега имаме поместување на минималната плата нагоре, а останатите плата стојат на исто ниво. Сега имаме работни места кои се вреднувани во различен коефициент на сложеност на работно место, а земаат иста плата, вели Неделков.