Дали воопшто знаеме што значи ГМО?
Еден од најбазичните биолошки принципи, е како човештвото да опстанеме како вид. Токму тоа довело до еволуирање, промени и адаптации.
Човекот еволуирал низ вековите, како и храната и се околу него. Секоја промена првично била дочекана со негативни коментари, за да потоа се согледаат подолгорочните консеквенции. За жал, луѓето најчесто ограничени од сопствените сфаќања и сопствениот животен век, не успеваат да ја видат пошироката слика за тоа од каде сме почнале и каде сме сега.
Сепак, факт кој ни најмалку не е за занемарување е што токму таа наш ограниченост може да ни нанесе ужасна штета, посебно во комбинација со пропагандите кои благодарение на интернетот и социјалните медиуми толку лесно се шират, и за жал уште полесно се примаат како вистини. Постојано читаме и слушаме разни “експерти” за здрав живот, за среќен живот, за тоа како човекот треба да ги отфрли современите навики, да се собуе бос и да се врати во природата, како вакцините се штетни а месото отровно… Додека истовремено се’ помалку ги вреднуваме токму оние кои ние самите сме ги едуцирале и сме ги назначиле да ги вршат најважните функции на заштита и унапредување на човештвото – лекарите и научниците.
Навикнати сме да гледаме низ призмата на црно-бело и добро-лошо, заборавајќи дека и самите ние, и се’ што произлегува од нас е многу покомплексно. Забораваме дека, да, сме живееле и без некои работи што ги имаме денес, но просечниот животен век бил триесетина години, едно до две од родените 7-8 деца воопшто доживувале полнолетство, а една мала бактерија покосувала цели континенти. Пропагираме здрав живот и “чиста” храна без ГМО, а забораваме дека речиси ниедна храна денес не постои во својата оригинална, првична верзија, туку била подложена на калемења, модификации и вкрстувања. Дури и кучињата што ги шетаме поминале низ овие модификации направени од нашата рака, за да бидат безопасните и симпатични миленичиња.
Интересното е што најголемиот дел од јавноста воопшто не знае што значи кратенката ГМО, а да не зборуваме пак за едукација на оваа тема. Од друга страна, ни медиумите не покажуваат посебен ангажман да ги разбијат овие митови, па во брза потрага по сензационалистичка сторија бираат да ги етикетираат ГМО производите како штетни, што создава паника и недоверба кај луѓето, а истовремено го урива повеќе деценискиот труд на научниците кои се борат за сите нас да создадат храна поотпорна на паразити, храна која ќе дава поголем род и ќе има повисоки нутритивни вредности. Всушност, ГМО практиката е своевидно современо “калемење” – само под современи и контролирани услови од врвни експерти кои ги користат придобивките од технологијата и стекнатото знаење за генетските врски.
Бидејќи и нашите граѓани неодамна се најдоа затекнати и уплашени од објавите за ГМО производи на нашиот пазар, притоа немајќи информации ниту за самиот концепт и потреба од генетска модификација ниту за легислативата која се однесува на ова прашање, време е да ги разбиеме митовите.
За почеток, важно е да нагласиме дека европските и американските закони апсолутно не ја негираат потребата од ГМО производи на пазарите, и нивната легислатива само го уредува степенот на дозволена модификација. За жал нашите закони не се усогласени со светските регулативи, и моментално фигурираат на рудиментарно ниво што само создава проблеми помеѓу производителите и увозниците.
Да не зборуваме што буквално сите светски истражувања на најеминентните институции и академии недвосмислено покажуваат дека ГМО производите не предизвикуваат никакви болести, не водат до аутизам, рак и слични мисконцепции. Досега, не постои ниту една единствена евидентирана болест или смртен случај во светот што била резултат на консумација на ГМО производи.
Од каде доаѓа потребата за генетска модификација на одредени прехранбени производи? Се враќаме на почетокот од текстот – еволуција и опстанок. Генетската модификација не само што помага во опстанокот на цели посеви и ги прави поотпорни на паразити, туку и влијае на целата животна средина на многу начини:
- Го зачувува биодиверзитетот бидејќи со создавањето на похранливи и поотпорни посеви, се намалува потребата да се уништуваат нови земјени површини за нови насади.
- Ја намалува цената на храната и ја прави достапна за сите. Цената на еден прехранбен продукт зависи од повеќе фактори, од произведените количини до трошоците за транспорт и складирање. А што пошироко производство и поздрави посеви отпорни на болести и расипување, толку пониска цена. Светот во кој би постоела само органска храна би бил… прилично скап и недостижен за повеќето од нас.
- Заштедуваат на вода. Со генетска модификација растението може да се направи да биде поиздржливо при суша, со што се прави голема заштеда на трошоците за наводнување.
- Го подобрува квалитетот на воздухот. Силните и отпорни посеви ја намалуваат потребата од секојдневно користење на трактори и гориво, што доведува до намалена емисија на јаглерод диоксид. Всушност, ГМО производите помогнале да се намали оваа штетна емисија еднакво како да сме отстраниле 12 милиони автомобили од сообраќајот во период од една година.
- Ја намалуваат употребата на пестициди. И тоа во огромна мера. Генетски модфицираните посеви, вклучително и оние со “Bt” (Bacillus thuringiensis) ген за отпорност на инсекти, придонеле да употребата на пестициди се намали за 8.1 проценти.
Генетската модификација не е збир на лоши чичковци што со шприц вбризгуваат отров во храната.
Важно е да се запознаеме подобро со темите за кои имаме ставови, а изборот што ќе одбереме да поддржуваме, е секако наш.