Родителите реагираат за екскурзијата: Сопственикот се служи со лаги и фотографии од сомнителен карактер

Советот на родители при Средното општинско училиште „Св.Кирил и Методиј” во Неготино, по одржаните родителски средби, разговори со класните раководители и со ученичката заедница на учениците од трета година, кои беа на екскурзија за Италија и Франција, утврди дека главен виновник за сите случувања и немили настани во врска со екскурзијата е сопственикот на агенцијата која го организираше патувањето.

Ова го објави Советот на родители на фејсбук групата на училиштето. Како што пишуваат, непрофесионалниот однос и нечовечкиот однос кон учениците и професорите, неисполнување на предвидената програма (заради неорганизираност со време, водичи, неплаќање паркинзи и слично), престоj во хотели кои се далеку од нивото на прикажаното во понудата, немање професионален водич на патувањето (непознавање на странски јазик), небезбеден и некоординиран превоз (доцнење, лутање по патиштата, немање на клима уреди и слично) и уште многу други неправилности кои се забележани во текот на патувањето од страна на професорите и учениците.

– За оправдување на сите недостатоци, односно непрофесионалност, сопственикот се служи со лаги и манипулации на јавноста, со фотографии од сомнителен карактер и меилови кои може секој да ги состави и нарача, стои меѓу другото во објавата на Совет на родители, кој од него едногласно бара јавно извинување заради омаловажување и исмејување на децата пред македонската јавност.

Од Советот додаваат дека учениците кои биле на екскурзија се културни и воспитани личности, кои и во градот, а и на екскурзијата, од искажувањето на професорите и вработените во хотелите каде што престојувале, се однесувале примерно без никакви инциденти и немили настани. Случајот со двајцата ученици оставени во Италија го испитуваат соодветни служби.

Во јавноста беше обелоденето дека Италијански тур оператор ја прекинал соработката со македонските агенции заради недолично однесување на учениците кои биле на екскурзијата.

Тони Ристовски, сопственикот на агенцијата ,,Балкан турист’’  го обелодени  писмото од Стојановиќ.

-Здраво Тони Ти праќам фотографија од купатилото на собата 55 каде некој извршил нужда на подот. Од хотелот ме повикаа утринава и имавме еден долг разговор на тема образование односно необразование и невоспитување на личноста која го сторила тоа. Жената која ги чисти собите не сакала тоа да го избрише, бидејќи никој не е должен да избрише такво нешто освен личноста која го направила. Навистина сите се запрепастени од таквото некултурно и срамно однесување под секое ниво на елементарната култура. Не ми е јасно како вашите професори немаат никаков авторитет во однос на воспитувањето и однесувањето на нивните ученици. Сите хотели се жалеа на нивниот однос и однесување, односно дивеење по хотелите до раните утрински часови. Навистина не ми е јасно што правеа професорите? ПС Хотелите не сакаат повеќе да работат со македонски групи затоа што покажаа невоспитување. Мене ми е жал, но во иднина јас твоите групи од Македонија нема да ги примам. Не сакам да ја доведам во прашање мојата долгогодишна соработка со хотелите поради вашите групи кои се однесуваат во хотелите под секоја елементарна основна култура. Тоа што го сториле е навистина срамно – наведено е во писмото потпишано од Стојановиќ.

Translate »