Патријархот Кирил во посета на Албанија
Патријархот московски и на цела Русија Кирил попладнево допатува во прва посета на Албанија.
Под силни бебзедносни мерки високата црковна делегација на меѓународниот аеродром во Тирана беше пречекана од Поглаварот на Албанската афтокефална православна црква (ААПЦ), Анастас Јанулатос, придруживан од членови на Светиот aрхиерејски sинод.
Патријархот Кирил во Албанија ќе престојува до понеделник, а во рамки на посетата ќе има и средби со албанскиот државен врв.
Според протоколот што го објави ААПЦ, вечерва ќе биде одржана литургија во соборниот храм „Воскресение Христово“ во Тирана.
Двајцата поглавари утре ќе чиноначалствуваат со литургија во истиот храм, во сослужение на свештеници од двете цркви. Подоцна, ААПЦ ќе биде домаќин на официјалниот ручек во хотелот МАК Албани. Во попладневните часови, во 18 часот, ќе се организира културна прослава во Културниот центар на соборниот храм Воскресение Христово а ќе биде промовирана книгата „До краиштата на земјата“ на Поглаварот Јанулатос на руски јазик. Вечерта, претседателот Илир Мета, ќе организира официална вечера во „Палатата на бригадите“.
Во понеделникот Патријархот Кирил ќе има официјални средби со претседателот Мета и со премиерот Еди Рама, а пред заминување ќе го посети и новиот манастир „Св. Влаш“ во близина на Драч и Теолошката православна академија, која се наоѓа во кругот на манастирот.
Оваа, прва историска посета е од посебна важност бидејќи и двете Цркви преживеаа жестоко комунистичко-атеистичко прогонство. Рускиот патријарх е многу значајна личност, која се вбројува на исто ниво со светските лидери и верски поглавари.
Поглаварот на ААПЦ, Јанулатос во посета на руската православна црква беше во 1999 година, а двајцата великодостојници ги врзува пет децениско пријателство. Од Руската православна црква Јанулатос е одликувам со признанието „За посебен придонес во зацврстување на единството на православието“ во 2008 година.