,,Та неа,, : За Македонија да направи отстапки, бара итен влез во НАТО и ЕУ

Постигнување договор сега и постепено комплетирање за две години се двете карактеристики на сценариото што се наоѓа на маса кое го објавува саботното издание на грчкиот весник „Та неа“.

„При првото читање, најважниот елемент на оваа верзија на договорот е појавувањето на намерата на соседите да го прифатат за севкупна употреба (ерга омнес) името што ќе се договори (преовладуваат имињата Горна Македонија, Нова Македонија)“, пишува весникот и коментира дека македонската страна го менува ставот за употреба на уставното име во внатрешноста на земјата.

Според информациите на весникот, договорот не може да биде сега и веднаш туку се дава време, најверојатно две години за имплементација на ерга омнес. Македонската страна сметала, пишува „Та неа“, дека овој временски период од две години е задоволителен за да се направат потребните уставни промени, дали со или без распишување на избори.

 Како што јави дописничката на МИА од Атина, „Та неа“ пишува дека за Македонија да ги направи овие отстапки, бара да се обезбедат итни опипливи резултати, односно влез во НАТО и почеток на пристапни преговори со ЕУ.

„Во однос на двегодишниот период, Атина молчи. Сепак, според информациите велат дека би можело да се согласи на еден неопходен временски период што ќе го побара другата страна (една година на пример) за време на кој ќе се направат чекори кон имплементација на комплетниот обврзувачки договор, што ќе се постигне на почеток, за секој пат да се спроведуваат договорените точки, а не за нив одново да се разговара“, пишува весникот и објаснува дека е потребен комплетен договор, обврзувачки временски период само за имплементација, а тоа е „патот по кој би можело Скопје да стигне до официјална покана за интеграција“.

– Потоа, ако се оди според мапата (известување на официјален начин на ОН и обврските во однос на новото име и опсегот на употреба), следат ратификации во парламентите за интеграција на соседната земја како полноправен член на НАТО, пишува „Та неа“, пренесе МИА.

 

Translate »