Предлогот ,,Република Илинденска Македонија,, ги подели ставовите на лидерите
Заврши лидерската средба во Клубот на Пратеници. Премиерот Зоран Заев ги информираше политичките лидери за досега разговараното со Грција.
Република Илинденска Македонија е опцијата, која ја разгледале како најприфатлива македонскиот и грчкиот премиер Зоран Заев и Алексис Ципрас на преговорите во Софија, а за кој денеска премиерот Заев ги информирал учесниците на лидерската средба во Скопје.
– Информирав за последната фаза од преговорите за спорот за името. Со целосна одговорност, внимателност и посветеност на државните интереси ги информирав претседателот на државата, на Собранието, лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ дека владите на Македонија и Грција разогвараа за опција и решение, кое може да биде прифатливо и за двете страни. Република Илинденска Македонија е можен компромис, на англиски Republic of Ilinden Macedonia, на албански Република Илиндитасе е Македонис, изјави Заев.
Истакна дека со овој предлог се зајакнува темелот на нашата држава. Илиден, додаде е нашата светла иднина, со ова име го зајакнуваме нашиот идентитет, а македонскиот Илинден е гаранција за мултиентичка Македонија.
Заев нагласи дека со можниот договоро ќе добиеме финална потврда за македонскиот јазик, гаранција за идентитетот и за меѓународните кодови.
– Ќе прифатиме севкупна употреба за ова име, а за внатрешна употреба ќе се спроведува во фази, рече Заев и најави референдум, неште што грчката страна го прифатила.
ВМРО-ДПМНЕ останува на својата позиција од претходно, а тоа е дека нема да прифати промена на Уставот со цел промена на уставното име, изјави денеска лидерот на опозициската партија Христијан Мицкоски по лидерската средба на која премиерот Зоран Заев ги информираше за текот на преговорите за името.
– Денеска за првпат бевме запознаени со предлогот, тој ќе биде претставен и презентиран пред органите на партијата и таа благовремено ќе ја инмформира јавноста, рече Мицкоски и додаде дека целокупниот процес бил воден во тајност и егзибиционистички.
Нагласи дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ останува непроменет во однос на измена на Уставот.
– А предлогот, кој го претстави Заев предвидува промена на Уставот, односно име за севкупна употреба, додаде Мицкоски.
Шефот на државата Ѓорѓе Иванов бара на писмено да го добие она што досега е разговарано во преговорите со Грција, а потоа ќе се изнесе во однос на предлогот кој денска по лидерската средба го објави премиерот Зоран Заев како можно решение, Република Илинденска Македонија.
Не сакаше да изнесе ниту личен став како граѓанин на Македонија, а не како институција Претседател во однос на тоа дали предлогот е достоинствен и повтори ќе го бара предлогот на писмено.
– Првпат сме информирани за некои работи. Првпат ги слушнавме усно се пренесни и очекувам за сите предлози да добиеме писмен документ. На овој состанок не изградивме став, само ги добивме информациите. Очекуваме во иднина да не бидеме селективно информирани, туку целосно да имаме увид за да знаеме за кои прашања се разговара, рече Иванов.
Нагласи дека процесот мора да се води во рамка утврена од ОН.
– Кој било предмет треба да биде разгледан и од експерти од меѓународното право и меѓународни односи, затоа што во минатото видовме недоследност од грчка страна, додаде Иванов.
На средбата присуствуваа претседателот Ѓорѓе Иванов, претседателот на Собранието Талат Џафери, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и лидерот на ДУИ Али Ахмети.
На средбата беа присутни и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска и шефот на дипломатијата Никола Димитров.
Пред Клубот на пратеници во исто време се одржуваше протест на мала група луѓе против прегворите за промена на името на Макеоднија./МИА