300.000 вработени од приватните фирми не користат годишен одмор иако по закон им следува
Oколу 300.000 вработени во Македонија, кои се главно од приватните фирми не користат годишен одмор што по закон им следува. Оваа бројка е речиси половина од вработените во земјава и потврда дека работничките права се повеќе се кратат, бидејќи станува пракса да не се гледа што пишува на хартија, туку што се случува на терен.
Од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) велат дека на оваа тема не се потребни истражувања, оти секој знае дека поголем дел од вработените во државата не добиваат годишен одмор како што им следува по закон, ниту пак слободни денови или дневници за прекувремена и работа на празник.
– Иако нема точни податоци може да каже дека околу 60.000 мали компании кои имаат до 5 вработени, а тоа е околу 300 илјади во јули и август не користат годишни одмори, бидејќи ако се на одмор некој треба да ги замени, а во тој период нема огласи за нови вработувања – коментира Драге Јовановски од ССМ за Вечер.прес и дополнува дека работодавците што не им даваат одмор на своите вработени не се казнети оти за ова прашање нема јасна регулатива во законот.