Ленард со неверојатен шут за победа го „лансираше“ Торонто во финале на Истокот
Кога доаѓа момент за решавање на натпреварот, обично топката доаѓа во рацете на играчот кој е во најдобра форма, а тоа синоќа беше Кавај Ленард. Откако тој „го полнеше“ кошот на Филаделфија во текот на целиот натпревар, го презема последниот шут и во неверојатен развој на околности успеа да погоди и да го испрати неговиот тим кон финалето на Источната конференција.
Торонто Репторс во мајсторката на Источното полуфинале го порази тимот на Филаделфија со резултат 92:90 и отиде во ново конференциско финале, каде ќе се соочи со Јанис Антетокунмпо и моќните Милвоки Бакс.
Кавај Ленард круниса уште една фантастична вечер во дресот на Торонто Репторс и тоа на најдобар можен начин. Откако постигна 39 поени до крајот на четвртата четвртина, тој ја доби топката со неколку секунди останати на семафорот и со прекрасен шут од работ на теренот погоди за победа на неговиот тим.
Во текот на целиот плејоф, Џоел Ембид беше најдобриот играч на Филаделфија Севентисиксерс, а ништо поинаку не беше ниту синоќа. Тој постигна 21 поен и фати 11 скока, што сепак се покажа како недоволно за победа во серијата против Торонто. Неговиот соиграч Џими Батлер вечерта ја заврши со 16 поени, а еден помалку имаше Тобиас Херис.
Западната конференција има нов финалист – тимот на Портланд Трејл Блејзерс конечно дојде до многу посакуваното конференциско финале откако на гостински терен го совлада Денвер на Никола Јокиќ.
Иако српскиот центар имаше одлична вечер со 29 поени и 13 скока, беше засенет од неверојатниот Си Џеј Меккалум, кој натпреварот го заврши со 37 поени и 9 скока.