Заев сe ослободува од сите обвиненија за случајот “Поткуп”

loading...

 Зоран Заев во случајот „Поткуп“ се ослободува од сите обвиненија, рече судијата во Кривичниот суд.

Судијата Дарко Тодоровски од Кривичниот суд во Скопје предмалку го ослободи од одговорноста премиерот Зоран Заев, кој беше обвинет во случајот „Поткуп“.

Во читањето на пресудата судијата Тодоровски наведе дека јавниот обвинител не успеа да докаже дека обвинетиот Заев го сторил делото што му се ставаше на товар и од тие причини донесе ослободителна пресуда.

Имено, на минатото рочиште обвинителката Валентина Бислимовска побара измена на правната квалификација на обвинителниот акт и наместо за примање поткуп, обвинетиот Зоран Заев да биде осуден за барање поткуп. Обвинителката за ова кривично дело побара од Судот на Заев да му се изрече осудителна пресуда, која, според законот, е од една до пет години затвор. Казната, пак, за делото примање поткуп е најмалку пет години затвор. Но со оглед на тоа што казната за преиначеното дело е мала, според Кривичниот законик за такви дела не се дозволени посебни истражни мерки, па така, во недостаток на докази премиерот Заев беше прогласен за невин.

Бислимовска рече дека од сите изведени докази во главната расправа не произлезе дека обвинетиот Зоран Заев прибавил каква било имотна корист. И сведокот Иван Николов кажал дека не дал пари и дека Заев не примил поткуп. Обвинителката додаде дека Николов не бил јасен, ги менувал ставовите и дал различни изјави пред Јавното обвинителство и во судот.

Адвокатот Филип Медорски, меѓу другото, посочи дека од доказите на Обвинителството и од изјавите на сведокот Иван Николов не произлегува дека Заев побарал пари и поради тоа побара обвинетиот да биде ослободен од обвинението.

Премиерот Зоран Заев беше обвинет дека како градоначалник на Струмица побарал поткуп од 160.000 евра од бизнисменот Иван Николов Сачевалиев/Lokalno.mk

Translate »