Бајрамовска: Успеав да ја стекнам довербата иако не бев од “нивните”

Народната правобранителка Васка Бајрамовска- Мустафа е честа гостинка во медиумите, таа е инволвирана во многу случаи каде има прекршување на човековите права, нејзина работа е да ги следи ваквите случаи и да констатира неправилности.

Таа е дипломиран правник, која кариерата ја почна пред 20 години прво како новинар, а потоа и како уредник во редакцијата на ромски јазик во Јавниот сервис. Таа е препознатлива по тоа што  информираше за теми поврзани со  човековите слободи и права, со посебен ангажман за подигање на свеста кај луѓето за еднаков третман  на граѓаните и искоренување на дискриминацијата од нашето општество.

Од 2006 година  работи како државен советник во канцеларијата на Народен правобранител во Скопје, каде продолжува несебично и посветено, професионално и стручно во пракса  да ги штити правата на граѓаните. Од 2013 година во земјава и пошироко е препознатлива по нејзините цврсти ставови  и борец  за правата и слободите на граѓаните, прва жена Ромка функционер,  заменик на Народниот правобранител.

Истанбул 2016 настан под покровителство на претседателот Ердоган добива признание  за учеството и поддршката на  Народниот правобранител за бегалската криза 

Радар: Кога бевме деца сите мечтаеа да бидат доктори, учители ,балерини .. за што сонувавте вие?

 Имав многу соништа: од тоа да бидам наставничка, презентер на вести, па хирург, … како растев и го осознавав светот така се менуваа желбите за моите идни професии. Но, морам да признаам дека кога бев дете им се восхитував на жените судијки на филмовите кои делат правда, на нивното гордо “држење” и познавање на правото. Можеби тоа потајно, беше иницијална каписла по завршување на средното образование сепак наместо на Педагошки факултет да се одлучам за упис на Правен факултет-правосудна насока.

Васка Бајрамовска-Мустафа со сопругот Мустафа Мустафа

Радар:Што правите во слободно време? Можеби сакате  да слушате музика или да читате книги?

Повеќе сакам да читам, отколку да слушам музика. Но сепак, преферирам класична музика, сакам опери, а секогаш кога имам време одам и на театар. Љубител сум и на мјузикли. Понекогаш со моето семeјcтво слушаме и наши стари ромски или македонски песни, музика што ја допира душата. Секако изборот на музиката е во зависност од расположението и друштвото.

Радар: Свесни сте дека  сте инспиративна приказна за многу ромски деца, на кого се восхитувавте вие?

Се надевам, затоа што очекувам од младите Роми да го исполнат својот сон , приказната да ја претворат во реалност. Јас, им се восхитував на жените лидерки, на оние кои успеваат да ги променат работите и во семејството и во општеството, на оние кои храбро се изборија да бидат видливи и на високи позиции.

Васка Бајрамовска-Мустафа со другарките од основно училиште

На промоција на Прирачник за правото на слобода за изразување Васка Бајрамовска Мустафа до судијката Мирјана Лазарова

Радар: Кој ви даваше најголема поддршка за да успеeте во вашето едуцирање, знаеме дека особено девојчињата кај ромската популација не завршуваа виско образование , но сега работите се менуваат?

Незимерно сум и благодарна на мојата сега веќе покојна мајка. Таа беше мојот борец, која ми помогна да ја видам светлината, да зачекорам и да останам на патот на успехот.  Оваа сиромашна жена ми го даде најдрагоцениот подарок. Клучот кој ја отвора вратата на сигурноста, непоколебливоста, вербата и истрајноста. Ме поттикна и ми помогна да се образувам во време кога моите врсници остануваа дома, си играа и уживаа во безгрижното детство. Без нејзина помош и поддршка, а подоцна и без поддршката на мојот сопруг (која се уште е несебична и незимерна) немаше да бидам тоа што сум и да гледам на работите од оваа перспектива како што гледам денес.

 Васка Бајрамовска со тетката Азбије и внуката Васка

Радар: Имате две деца што ги советувате?

Да, имам два сина, прекрасно воспитани деца. Ова не е само мое мислење, напротив го слушам од многу луѓе. Истото ме радува и ме прави горда мајка. Морам да кажам дека сум и горда баба на внука која го носи моето име.  Моите деца добро знаат дека по природа сум директна и искрена, и дека без разлика дали се работи за мала или голема грешка, секогаш ја сакам вистината. И така ги учам и моите деца. Не поднесувам дволичност и неискреност, особено не можам да простам кога некој ќе ме изигра. За среќа тоа од моите деца се уште не сум го доживеала и искрено се надевам дека нема да го доживеам.

Радар: Вие сте успешна жена, но и успешна мајка и сопруга имате ли некаков семеен ритуал…

Во кругот на семејството секогаш наоѓам некаква занимација, заедничка за сите нас. Знаеме собрани на купче да гледаме убав филм, со нешто благо зготвено од снаата, и тоа најчесто палачинки со многу еурокрем. Така сакаат децата и сопругот. Јас сум повеќе по солените работи. Уживам да готвам, да експериментирам во кујна, секогаш кога за тоа имам време.  Често ги прелистуваме старите албуми, се присетуваме на времето кога моите синови беа деца или од раѓањето и родендените на мојата внука, или пак ги гледаме снимките од свадбите на нашите роднини и блиски, овие ситници  навистина ме релаксираат.

Васка со сопругот Мустафа ,синот Неврус, и внуката Васка на Бајрам

 

Бајрамовска со двајцата синови, снаата и внуката

Јавноста ве знае како Народен правобранител, но колку пат требаше да изодите за да стигнете до оваа позиција и како почна оваа приказна ?

Никогаш не е лесно. Барем патот кој јас го изодев беше тежок. По повеќе од 10 години работа во МРТВ решив да сменам нешто во мојот живот, да се посветам за нешто многу важно, за мене ова е работа за повисоки цели. Мојата диплома по право и моето искуство беше мојот билет за вработувањето кај Народниот правобранител. Имав можност да им помогнам непосредно на граѓаните во заштитата на нивните права.Се сеќавам на погледите полни со прашања кога ги примав граѓаните.

Васка со семејството во Дизелдорф -Германија

Знаете, колку и да не сакаме да признаеме дискриминацијата постои во сите пори на нашето општество. Во нашиот речник за жал има  „нашите“ и ” нивните” Но, за кратко време успеав да ја стекнам довербата иако не бев од „нивните“. Ме радува тоа што тие „другите“ , при посетата на нашата канцеларија бараа јас да ги примам, јас да ги советувам. Веруваа декa јас навистина можам да ги заштитам нивните права.

Ова чувство  дополнително се зајакна кога во 2013 година бев избрана за Заменик народен правобранител и еве веќе 5та година поминува од мојот осумгодишен мандат. Многу го сакам тоа што го работам. Ме исполнува да им помагам на луѓето, а секогаш сум тука и за совет кога не сме надлежни. Ја користам и најмалата можност да има ги штитам правата.  Читам многу, следам домашна и меѓународна пракса, и тоа е тоа. Се надевав дека некој од синовите ќе продолжи по моите стапки, но тие сепак се одлучија за други сфери. Но има време, можеби внуката ќе биде мојот наследник.

 

Славица Дуљанова

 

Translate »