Луѓето немаат загарантирано работно место, работат подолго време отколку што е предвидено со закон, а платите кои ги добиваат се ниски

Анализите на светската конфедерација на синдикати покажува дека 60% проценти од светската трговија е управувана од страна на големите бизниси, кои користат, покрај на понуда и побарувачка, бизнис модели базирани на искористување и злоупотреба на човековите права а нивниот профит е резултат на ниското ниво на платите на луѓето.

Ќе се согласите крајно разочарувачки и нехуман заклучок, што во превод значи дека алчноста расте во геометриска прогресија со искачувањето на компаниската хиерархија. Законите за работни односи, платите, пензиите и безбедноста на работното место се под минималното ниво во многу земји, а корпоративната алчност е главниот фактор кој придонесува кон сиромаштија.

Луѓето иако работат во големи и богати компании, немаат загарантирано работно место, работат подолго време отколку што е предвидено со закон, а платите кои ги добиваат се ниски, во споредба со она што го создаваат.

Се борат со сиромаштија, небезбедна средина и услови за работа. А тоа е така, зошто работниците и не ги знаат своите права. А кога постои недостаток на едукација, и некој кој да те заштити, се случува злоупотреба. Работниците треба да знаат дека кога ќе си ги завршат своите обврски, платата која ја добиваат не е награда туку нешто што е заслужено и им припаѓа.

Стапката на профит е главниот фактор за тоа каде се движи капиталот, независно од националните или некои други интереси. Гладот за профит е толку голем, поради кој се креираат конфликти, војни, болести и друго. Државата во некои земји е во силна спрега со големите бизниси (посебно со големите интeрнационални компании), ги штити нивните интереси, што влијае класното раслојување да расте, а нивото на искористување да биде големо. Луѓето се уплашени, несигурни едвај крпат крај со крај, буквално се без никаква заштита во голем број на земји. Од капитализам како повторно да се враќаме назад кон робовладетелство, а само називите, титулите на оние со моќ се поинакви. Себичноста е главната карактеристика на капитализмот, во која и да е фаза на развој или форма.

Иако вработените го создаваат профитот, за сопствениците нивниот живот е безвреден. Кога ќе создадат профит, многу полесно ќе потрошат десетици илјади евра на скапи патувања, на автомобили и друг лукзуз, а за вработените кои им помогнале тоа да го создадат, едвај ќе потпишат решение за плата. Дури и кога се остварува профит, многу малку се инвестира во кадри во нивна обука, во истражувања и развој. Нема долгорочна цел, нема хуманост. Никој не ги жали градежните работници кои работата крајно ризична работа, и сите оние чесни граѓани за чии гласови се тепаат политичари, а на кои никој никогаш не им помогнал. Магично стапче не постои за преку ноќ да се сменат работите. Потребно е секако време, и вистински фокус на активностите.

А фокусот треба да бидат потребите на граѓаните. Затоа треба почесто отворено да се разговара за проблемите, да постојат дебати и дискусија, за да потоа ако не можеме како поединци, работите да ги менуваме заедно во здруженија, асоцијации кои ќе бидат независни. Нивната независност треба да биде загарантирана со закон. Потребен е слободен и објективен синдикат, слободни медиуми, одговорност и хумано однесување од сите нас….Потребна е едукација на работниците за нивните права, развивање на свеста дека работникот си ги заслужил парите, дека никој не му ги поклонил.

РР

  

Translate »