Емилија и Стојче Тоциновски дел од шестата Меѓународна уметничка колонија „Збор во каменот”
Во местото Повљана, на островот Паг во Хрватска заврши шестата Меѓународна уметничка колонија „ Збор во каменот“ („ Ријечу камену“) на која во ликовниот дел со изложба и изработка на две платна учествуваше уметничкото и брачно дуо: Емилија и Стојче Тоциновски од Скопје. Во поетскиот дел учествуваше Веле Митаноски од Охрид, член на Културниот центар „Бран“ од Струга.
Манифестацијата ја организираше Хрватското книжевно друштво. На завршното поетско читање синоќа се вклучија и други поети кои создаваат на македонски и хрватски јазик од регионот на Истра, меѓу кои и претседателката на Заедницата на Македонците во Хрватска – за Задар и Задарската Жупанија Мирјана Мајиќ.
Оваа колонија беше во знакот на учесниците од Македонија и во ритамот на македонската песна. Настапија Јуре Руниќ на гитара и брачната двојка Марјан (хармоника) и Ивона Дуноски-Митев, вокал и претседателка на Заедницата на Македонците во Хрватска за градот Риека.
На поетскиот митинг настапија поети од десетина држави меѓу кои и од Хрватска, Македонија. Словенија, Србија, Босна и Херцеговина.
Македонските учесници оставија печат и на претходно одржаната манифестација „У залјеву мора“ („Во заливот на морето“) во Задар, каде во галерискиот простор на Научната библиотека беше отворена ликовната изложба на уметничката и брачна двојка – Емилија и Стојче Тоциновски.