Прочитајте што предвидува договорот меѓу Македонија и Грција според грчките медиуми

Република Северна Македонија (Republic of North Macedonia, на англиски) е името за севкупна употреба кое наводно го договориле премиерите на двете држави, пишуваат грчките медиуми претпладнево. Атинскиот весник Еифемерида и Радиото 24/7 објавуваат детаљи од договорот кој меѓудругото предвидува и измена на македонскиот Устав.

Двете клучни прашања за македонската страна во преговорите, употребата на придавките македонски пред државјанството и јазикот се задржува и гарантира. Од македонскиот Устав ќе треба да се избрише членот кој предвидува грижа за „македонското малцинство“ надвор од границите на државата.

Посебна комисија ќе го договора користењето на трговските заштитни марки од страна на двете држави.

 Се признава македонскиот јазик со фуснота дека се работи за словенски јазик.

– Во однос на државјанството ќе се користи терминот Македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, со, според грчките медиуми, експлицитно наведување дека граѓаните на таа држава не се поврзани со античката грчка цивилизација.

Следни чекори

Во грчкиот печат се наведуваат и следните чекори кои треба да уследат откако ќе се постигне начелниот договор меѓу Заев и Ципрас. Па така, најпрво договорот ќе треба да се ратификува во македонскиот парламент. Доколку претседателот Иванов одбие да го потпише, како што се очекува, веднаш треба да уследи и второто гласање.

– Грчката влада со писмо ќе ги информира ЕУ и НАТО дека охрабрува почеток на преговори со ЕУ и добивање покана за членство во Алијансата, откако ќе се извршат уставни промени.

– Советот на министри за надворешни работи на ЕУ и подоцна на Самитот на ЕУ Грција ќе бара да и биде даден позитивен сигнал на Македонија, и покрај противењето на Франција и Холандија, но со поддршка на Германија.

– На НАТО самитот на 11 јули во Брисел Република Северна Македонија ќе добие покана за членство во НАТО која ќе зависи од уставната ревизија.

– Македонскиот премиер Заев со писмо ќе ги информира 190 земји членки на ОН дека земјата во иднина ќе го користи името Република Северна Македонија во билатералните односи и во меѓународните форуми.

Griechenland Alexis Tsipras beim Präsidenten (Reuters/C. Baltas)Ципрас вечерва треба да го информира претседателот Прокопулос за постигнатиот договор

Во периодот од јули до октомври македонската влада треба да организира референдум и доколку резултатот е позитивен, ќе се продолжи со уставна ревизија. Доколку резултатот е негативен, планот „Б“ е да се свикаат предвремени парламентарни избори кои во истовреме ќе бидат и своевиден референдум за името.

Откако Скопје ќе го комплетира целиот процес, договорот ќе треба да биде ратификуван од грчкиот парламент, а во истовреме ќе се изврши и ратификацијата за членството на земјата во НАТО.

Дополнително, според грчки извори, очекуваниот втор телефонски разговор меѓу македонскиот и грчкиот премиер Зоран Заев и Алексис Ципрас веројатно ќе се случи подоцна попладнево, бидејќи се очекува во него да се вклучи и медијаторот Метју Нимиц. По разговорот со Заев и Нимиц, Ципрас ќе ги информира лидерите на политичките партии во земјата и претседателот Прокопис Павлопулос. Веднаш потоа, Ципрас ќе објави проглас за договорот кој ќе го потпишат со Заев во Преспа, најверојатно во текот на претстојниот викенд.

 

Translate »