Три генерации на “женско кафе” – симбол за сплотеност, лојалност и љубов

Има ли некој доволно храбар да ги опише нашите жени? Истовремено силни и нежни, деликатни и храбри, паметни и инспиративни, убави, насмеани, гласни и секакви, ги гледаме секојдневно како итаат, растејќи ги нашите нови генерации и храбро менувајќи го светот во кој живееме.

Што е тоа што ги држи нашите жени толку сплотени и силни? Несомнено, една од најважните нешта е поврзаноста и близината помеѓу генерациите, и пријателството и помошта која бабите, мајките и внуките ја имаат меѓусебно. Можеби ги немаме сите пари на светот, но секогаш ќе го имаме оној женски глас кој е тука да ни помогне, да не’ смири и да ни даде совет како успешно да чекориме напред, да бидеме и мајки и работници, и кралици и борци и победници.

Инспирацијата ја најдовме во Лилјана, Билјана и Катја, три генерации жени кои не’ освоија со својата непосредност и симпатија, но и со нивната неверојатана поврзаност и искрено пријателство кое ни годините, ни проблемите, ни врските ни децата го немаат скршено. Напротив, како што и самите велат, токму нивната силна поврзаност го одржува семејството среќно, исполнето и “на купче”.

Верувале или не, тоа што ги одржа заедно сите овие години е еден мал ритуал што го немаат пропуштено речиси цела деценија – заедничкото пиење на турско кафе! Каде и да се, што и да прават во текот на неделата, секоја сабота мама Билјана и Катја одат кај баба Лилјана на “женско турско кафе”. Баба Лилјана раскажува како идејата за овие средби ја добила од желба да им го олесни секојдневието на своите ќерка и внука, спојувајќи ги убавото и корисното – да се дружат со неа но и да се чуствуваат дека се “излезени во град”.

Кај жените има посебно позитивен психолошки ефект кога ќе се дотераат и кога ќе излезат на кафе. Точно, истите разговори, независно дали се разговара за работата, за партнерот или со истиот се прават планови за одгледување на децата, можат да се водат и дома, во нервоза и по пижами, но научниците утврдиле дека истите полесно се водат кога околината е различна од домашната, во пријатна атмосфера и со вкусно кафе, а испитаниците покажале многу поголемо внимание и трпение за дадените теми.

Така, мама Билјана и студентката Катја наместо да лежат дома и да се расправаат дали едната е здодевна, а другата мрзлива, се дотеруваат и одат кај баба Лилјана, а таму ги чека опојниот мирис на тазе вареното кафе и нејзината широка насмевка. Низ смеа, велат дека нејзината кујна е најубавото кафуле што некогаш го посетиле, и за разлика од другарките на Катја, не се чуствуваат дека извршуваат некаква обврска кога ја посетуваат баба. Лилјана вели дека покрај тоа што е среќна што се чуствува сакана од помладите генерации, среќна е и што нејзините ќерка и внука имаат катче каде што можат слободно да растат и да учат една од друга, да се кикотат и да споделуваат слатки женски тајни, без да им досадува остатокот од семејството.

24-годишната Катја пак вели дека најубавите вредности ги научила токму во овие мали саботни ритуали. Од лојалноста и почитта кон постарите, до почитта и љубовта кон себе, или како што вели таа самата “кога нешто те мачи да знаеш како да се собереш, да ја дигнеш главата и од дистанца здраво да погледнеш на проблемот, и да не заборавиш дека најсилното оружје на жените е нивната сплотеност”.

Затоа, секоја сабота, мирисот на најубавото Гранд кафе од кое баба Лилјана не се откажува со децении, го шири својот опој низ ходниците, а соседите се насмевнуваат и знаат дека Билјана и Катја веќе доаѓаат со нивните цветни фустани и мали потпетици кои весело одекнуваат во малата, веќе заборавена зградичка во срцето на Дебар маало.

Можеби е време да се потсетите – кога вие последен пат сте испиле едно турско кафе заедно со своите мајка и баба?

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Translate »