Филипче: Граѓаните не ја почитуваат мерката за носење заштитна опрема, ќе предложиме санкционирањето да почне веднаш

Министерство за здравство и Комисијата за заразни болести утре до Владата ќе поднесат предлог санкционирањето за неносење заштитна опрема – маска или прекривка на устата и носот во насока на заштита од ширењето на коронавирусот.

Прегледи:8526 април 2020, 15:03СподелиСподели

Министерство за здравство и Комисијата за заразни болести утре до Владата ќе поднесат предлог санкционирањето за неносење заштитна опрема – маска или прекривка на устата и носот во насока на заштита од ширењето на коронавирусот да почне веднаш истиот ден или надоцна во вторник, бидејќи е констатирано дека голем дел од граѓаните или не користат заштитна опрема или неправилно ја користат.

-Министерство за здравство и Комисијата за заразни болести достават предлог до Владата санкционирањето за неносење заштитна опрема да почне веднаш, односно утре или најдоцна во вторник. Сакам повторно да алпелирам дека оваа мерка мора да се почитува и дека заштитната опрема се носи така како што е пропишано – на затворено и на отворено кога не може да се држи физичка дистанца од 2 метри, рече на денешната онлајн прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.

Тој вели дека на ваков чекор ги натерале се почестите слики во медиумите и на социјалните мрежи со граѓани кои не ја почитуваат мерката за носење заштитна опрема во услови каде е пропишано, но и граѓани кои ја носат маската или прекривката на лицето под брадата или во рака.

-Има и граѓани кои ја почитуваат оваа мерка свесни дека ова е еден од клучните механизми за борба против вирусот. Досега сите мерки дадоа резултати. Уверен сум дека и ако доследно ја почитуваме оваа мерка, како и сите претходно за кои има оправданост, ќе се заштитиме и себе си и нашите семејства и сограѓаните, ќе превенираме раст на број на заболени кој еве веќе два месеци е еден процес  што одлично го држиме под контрола, рече Филипче.

Тој ги повтори и податоците што претходно ги објави Министерството за здравство за нови 19 случаи на лица позитивни на коронавирус и 126 оздравени во изминатите 24 часа. Во истиот период починале две лица заболени од Ковид 19.

-Министерството за здравство информира дека денеска Институтот за јавно здравје регистрира 126 оздравени пациенти во: Скопје – 22, Штип -1, Струга – 19, Охрид – 1, Велес – 6, Гевгелија -3, Кавадарци – 1, Крива Паланка -1 и Куманово -72. Најголемиот број на овие оздравени пациенти се на домашно лекување, а помал дел се пациенти кои се лечат во болнички услови. Сакам да им заблагодарам на матичните лекари кои многу успешно се вклучени во овој систем на пациентите и со тоа се покажа дека овој модел дава резултати. Враз основ на тој модел само десеттина проценти од пациентите се хоспитализирани, не се оптоварува здравствениот систем , ниту здравствените работници. Ова  е модел кој го анализиравме и имплементиравме на почетокот, рече Филипче.

Со ова вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја изнесува 1386 лица. На Инфективната клиника во Скопје примени се тројца нови пациенти, а во моментов се хоспитализирани 62 пациенти. Од нив пет се на механичка вентилација и 25 со потешка слика и кислородно зависни. Останатите пациенти се стабилни. Во ГОБ „8 Септември”, примени се шест нови пациенти, а вкупно се хоспитализирани 29. Со потешка клиничка слика се пет пациенти, а вкупно на респираторна машина се седум лица. Во Болницата во Битола се лекуваат седум пациенти од кои еден пациент е во тешка општа состојба и на кислородна поддршка, а на домашно лекување се следат 12 пациенти. Во болницата во Штип се хоспитализирани два пациенти, а на домашно лекување се следат девет пациенти и нивната состојба е стабилна.

Translate »