Од Вардарови деца до ѕвезди на иднината!
Страста за фудбалот е феномен кој на глобално ниво е мошне распространет. Почнува во малите маалски улички, во школските дворови, почнува со скинати патики и стара топка, но за некои завршува со златен пехар, дрес од соништата и светска слава. Но, понекогаш, само талентот не е доволен.
Талентот расте, се развива и се претвора во успех кога е негуван, поддржуван и кога се верува во него. И најуспешните светски фудбалери еднаш биле само мали деца со голем сон.
Вистинска магија е кога детскиот сон ќе стане реалност. А Вардаровите деца?! Тие најдобро го знаат тоа!
Младинската фудбалска академија на најголемиот македонски фудбалски клуб „Вардар“ е местото каде што се остваруваат детските фудбалски соништа и од каде што излегоа некои од нашите најуспешни фудбалери. Станува збор за една од најстарите младински фудбалски школи, спортска средина со традиција и реноме. Вардаровата школа е особено популарна последниве години, со новите вложувања во дополнителни терени, опрема и стручни лица, што резултира со голем број зачленети деца со огромна страст и желба да тренираат. А тие деца не се само талентирани млади фудбалери, туки пред сѐ добри ученици кои веруваат во спортскиот фер плеј и во заедништвото и се вистински пример за останатите.
Токму едно од тие деца е 11-годишниот Алексеј Ивановски, ученик во ОУ „Коле Неделковски“, кој започнал да тренира фудбал на седумгодишна возраст, дете кое досега нема пропуштено ниеден тренинг, кое ревносно ги слуша тренерите и е одличен другар. Како и сите други, и Алексеј сонува еден ден да биде славен фудбалер. Покрај „Вардар“ што го носи во срцето, Алексеј навива и за Јувентус. „Едвај чекам да дојде време за тренинг. Навистина многу сакам да играм фудбал. Веднаш по часовите ги завршувам сите домашни задачи, за да бидат слободен за тренинг. Понекогаш дома кога со топка шутирам во ѕид, знам дека ги нервирам моите, но што да правам, тоа е посилно од мене”, вели Алексеј.
Димитар Фидановски е еден од неговите другари. Одбранбен играч, со фудбалски жаргон, дете кое командува со одбраната и се грижи неговиот тим да не прими гол. Дете кое се буди и легнува со фудбалскиот сон еден ден да заигра во Лигата на шампиони со својот ФК „Вардар“. Но тој знае дека фудбалот е тимска игра, и дека доколку останатите во тимот не се добри, и тој нема да може да напредува, токму затоа уште од мал ги мотивира своите другари да работат посветено на тренингот, но, истовремено инсистира на дружење и надвор од фудбалскиот терен.
Вардаровите деца се многу, во различни возрасни категории, сегашни, идни фудбалери. Сите го сакаат клубот, и секако ја обожаваат фудбалската игра.
Но, фудбалот денес без голема поддршка, инфраструктура и стручни лица не може да се развива. Едно дете колку и да е талентирано, ако не му се посвети максимално и континуирано внимание не може да се развива и да биде конкурентно на светско ниво.
На веб-страницата www.footballstars.mk се дадени сите детали за процесот на аплицирање и селекција на најталентираните. За почеток сите заинтересирани треба да снимат видео во кое ќе покажат колку се вешти со топка и тоа во жонглирање, водење топка и завршница со шут на гол. Потоа, од испратените видеа скаутите од Фудбалската академија на ФК „Вардар“ ќе ги изберат играчите со најголем потенцијал, кои ќе бидат повикани на специјален настан во Скопје. Тогаш ќе се организираат повеќе фудбалски мечеви на кои младите фудбалери во живо ќе го покажат својот талент, будно набљудувани од скаутите на Вардар. На крајот од настанот скаутите ќе треба да ги изберат 50-те идни стипендисти на фудбалската академија на „Вардар“.
Повеќе информации на https://www.footballstars.mk