Зоран Заев: Не е договорено конкретно име, утврдена е временска рамка, референдум наесен
Премиерот Зоран Заев денеска рече дека не е договорено конкретно име, но дека двете земји никогаш не биле поблиску до договор. Временската рамка за решавање на спорот објавена во медиумите делумно ја потврди и најави оти важниот разговор со Ципрас треба да се случи до петок.
Договорот за временската рамка за решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција објавен деновиве во јавноста е релативно точен, а засега не договорено конкретно компромисно име, рече премиерот Зоран Заев.
фото: Р.С. Европа
На прес конференција по повод една година од работата на владата што ја предводи, тој рече дека чекорите што беа објавени во медиумите, не се тајна, туку биле тема и на лидерската средба што се одржа месецов.
“Чесно е да се разговара покрај за правно-формалниот аспект на евентуален договор и за термините за негово спроведување. Знаете дека во Македонија сите стоиме позади референдум. Ако ние стоиме позади референдум, а Грција има за тоа разбирање, ред е, логично е да бидат поставени чекорите на спроведување на евентуален договор” рече Заев.
Референдумот, како што рече премиерот, би се одржал во септември или октомври годинава и граѓаните ќе го имаат последниот збор. Пред него би се случила ратификација на евентуалниот договор во парламентот, со мнозинството што го имаат двете влади, за да може Грција да испрати писмо до НАТО и како што нагласи Заев да ја добиеме поканата.
Никогаш не сме биле поблиску до решение, македонскиот јазик и идентитетот на Македонците се потврдени, нагласи тој. На прашањата поврзани со тоа дали новото компромисно име е Република Северна Македонија и дали се уште е во игра македонскиот предлог Република Илинденска Македонија, пак рече дека конкретно име нема уште договорено.
“Не би давал коментари за одредени одредници, придавки или додавки на името заради тоа што сме во финале на можно решавање на овој повеќе од 25 годишен проблем” рече Заев.
Најавениот разговор со грчкиот колега Алексис Ципрас на кој, како што и самиот рече, очекувал да се направи значаен исчекор ќе се реализирал најдоцна до петок. Во меѓувреме се работи на право-формалниот аспект на самиот договор за принципите и начелата за неговото решавање.
Според објавените точки во медиумите, покрај ратификацијата и референдумот, ќе има и уставна ревизија која би се случила по референдумот, а договорот би се потпишал во Преспа. Опозицискиот лидер Христијан Мицкоски не ги коментираше конкретните гласини за името, а претседателот Ѓорге Иванов, соопшти дека не бил информиран за рамката за решавање на спорот. Заев најави дека министерот за надворешни работи Никола Димитровќе го информирал шефот на државата.
Денеска пред споменикот на Ослободителите на Скопје во дворот на Владата, Заев во придружба на министрите реферираше за сработено во оваа година. В петок во Собранието е закажана и седница за реконструкција на Владата, а ден подоцна пред нејзината зграда митинг ќе одржи ВМРО-ДПМНЕ поради како што велат лошите политики што се водат.slobodnaevropa.mk