Укината пресудата за обвинетиот Горан Грујевски
Апелациониот судија Сафет Кадриу ја потврди информацијата дека е укината пресудата за „Тврдина 2“, само во делот за обвинетиот Горан Грујевски, кој во моментот е во бегство во Грција. Грујевски беше осуден на казна затвор од една година и шест месеци, по обвинение на СЈО, според кое заедно со уште пет вработени во УБК уништувале службена документација за незаконското прислушување.
-Укината е пресудата само за еден од обвинетите, Грујевски, бидејќи не биле исполнети законските услови за судење во отсуство, изјави за „Фокус“ судијата Сафет Кадриу, што значи дека судењето за овој обвинет треба да почне од почеток.
Тој појасни дека била поднесена жалба за уште една обвинета, но истата е отфрлена и казната е потврдена.
Петте обвинетите службенички во УБК добија по една година условна казна, која нема да одлежат доколку не направат кривично дело во наредните 3 години. Само една од обвинетите, исто така службеничка во УБК, доби условна казна од 9 месеци, која нема да се изврши доколку не направи кривично дело во наредните две години. Таа доби пониска казна, бидејќи придонела во утврдување на вистината за случајот.