Коѕиас : Време е да се каже големото “да” или големото “не”
– Мислам дека доаѓа моментот да го кажеш големото „да“ или големото „не“ и ги разбираш тешкотиите што се наоѓаат пред тебе, изјави министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, цитирајќи го грчкиот поет Кавафис, а во однос на последните случувања во преговорите меѓу Македонија и Грција.
Во интервју на државната телевизија ЕРТ, тој изрази надеж дека набргу ќе дојде до договор. Додаде дека 5-10 дена порано или подоцна, не прават голема разлика.
– Имам чувство дека раководството во Скопје сега, кога треба да завршиме со ова, ги сфати големите тешкотии што постојат за имплементација на договорот и ова одигра улога да сака одново да го разгледа договорот, да разговара за одредени појаснувања за самиот договор, но длабоко сум убеден и се надевам дека ова, набргу, за неколку дена ќе се надмине, рече Коѕијас.
Mинистерот за надворешни работи на Грција не сакаше да открие кое е договореното име бидејќи „тоа е вклучено во пакетот и ќе треба да го објават двете влади, односно двајцата премиери“.
Од пакетот пет имиња предложени од медијаторот Метју Нимиц, Коѕијас рече дека во игра се три („Република Северна Македонија“, „Република Горна Македонија“ и „Република Нова Македонија“), откако „Република Македонија (Скопје)“ било отфрлено од грчка, а „Република Вардарска Македонија“, од македонска страна.
Во однос на договорот, шефот на грчката дипломатија откри дека е на 20 страници, на почетокот бил 17, а потоа се проширил .
– Најпрво потребна е ратификација на договорот во Собранието во Скопје. Самото Скопје, не ние, решаваат да одржат референдум, сакаат да одржат референдум. Референдумот не го наметнуваме ние, не го бараме ние, не го наметнува никој, тоа е политичка одлука, да се задржи даденото ветување и ние, од наша страна целосно ја почитуваме оваа одлука. Ние треба да го разбереме следното: тоа за нив не е само еден едноставен компромис, тие ќе го сменат името на нивната држава. И тоа колку што знам, во историјата само еднаш се има случено во централна Европа, со Австро-Германците, рече Коѕијас.
Тој оцени дека ако договорот се склучи набргу, во македонското Собрание ќе стигне во следните седмици, референдумот веројатно би бил на есен, додека пак по референдумот, би се направиле уставни промени.
– Мислам дека ако помине на референдумот, тогаш и претседателот на пријателската земја и пратениците ќе ја земат предвид народната волја.
На прашањето кога договорот би пристигнал во грчкиот Парламент, Коѕијас објаснува дека „договорот ќе ги предвидува предусловите за ратификација и дека нема да може да биде пред референдумот во Скопје“.
Министерот за надворешни работи на Грција, прашан за тоа дали постои можност да се направат промени во договорот, вели дека „сѐ што требаше да се направи, е направено“ и објасни дека со неговиот македонски колега во неделата вечерта на средбата во Брисел, до раните утрински часови одново го разгледале договорот завршен два дена претходно во Њујорк и стигнале до промените што требало да се направат.
– Мислам дека раководството на ПЈРМ носи многу тешка и правилна одлука за која е потребна голема политичка храброст, голема политичка зрелост и мислам дека тоа го покажуваат и ќе го покажат, вели Коѕијас.