Рак кај 18 бебиња во Битола во 2016 година

Во 2016 година во Битола имало 18 случаи на малигни заболувања кај деца до две години. Биле заболени и пет деца меѓу 3 и 6 години, шест деца меѓу 7 до 9 години, четири деца од 10 до 14 години, два тинејџери од 15 до 19 години и 18 млади од 20 до 24 години.

Дури 410 случаи на малигни заболувања повеќе биле регистрирани во 2016 година во споредба со 2010 година на територијата на Општина Битола. Според податоците што Центарот за јавно здравје од Битола ги достави до општинскиот Совет, за 2010 година имало 1291 вкупно лекувани од малигни неоплазми, додека во 2016 година 1701. Стапката на регистриран болнички морбидитет од малигни заболувања за 2010 година изнесувала 12,6 на 1000 жители, а за 2016 изнесувал 16,7.

Според податоците, од малигни неоплазми боледуваат и деца од најмала возраст. Така, во амбулантно-поликлиничката дејност имало 18 случаи на малигни заболувања кај деца до две години во 2016 година. Потоа, пет заболувања кај деца од 3 до 6 години, шест кај деца од 7 до 9 години, четири кај деца од 10 до 14 години, две кај тинејџери од 15 до 19 години, 18 кај млади од 20 до 24 години.

Битолчани се загрижени од алармантните податоци.

„Во секое семејство има по некој заболен од канцер. Широк Сокак се празни, а секој ден на некролози гледаме млади луѓе.“

„Останува дека нашите деца се отруени, треба посериозно да приоѓаме кон овој проблем.“

„Ако ви умираат по 1200 луѓе годишно, а се раѓаат помалку од илјада и дел умираат поради еколошки проблеми, може да се каже дека во градот живеат еколошки мртовци“, реагираат битолчани.

Инаку од Центарот за јавно здравје во Битола посочуваат дека во 2016 година неоплазмите како причина за смрт со вкупна бројка од 382 умирања или стапка од 208,1 умирања на 100.000 жители, се на второ место после заболувањата на циркулаторниот систем. Алармантните податоци беа разгледани и на седница на Советот.

„Битола го води орото на заболени луѓе. Како Совет и Општина треба некои прашања да ги кренеме на многу повисоко ниво, да се покрене иницијатива за Општина Битола да почне да презема активности за овој проблем. Сме втори во Европа, а сме имале и смртни случаи од малигни неоплазми кај деца и до две години. Податоците се алармантни“, вели Габриела Илиевска, советничка од независната група „Поинаку“.

Се смета дека дел од здравствените проблеми се последица на загадувањето во градот. Истражувањата покажаа дека најголем загадувач се токму оџаците од домаќинствата и институциите кои се греат на тврдо и течно гориво зашто Битола нема топлификација.

Од Општина Битола сериозно се посветени на гасификација на градот, преку која во иднина ќе се обезбеди и поевтино и еколошко греење на домаќинствата, па се смета дека болестите од загадувањето ќе станат минато. Општината веќе објави оглас за основен проект за гасификација.

„До 2020 година планирано е гасоводот да стигне до општина Битола, а во меѓувреме се подготвуваме и со мрежа која ќе биде поставена низ општината. Ние веќе ги имаме двете главни линии по кои ќе се одвива мрежата во нашиот град. Досега имаме направено и сериозен пристап кои стопански субјекти ќе се вклучат, останува мотивација на граѓаните да се вклучат кон мрежата“, рече градоначалничката Наташа Петровска. Извор:slobodnaevropa.mk

Translate »