Заев се надева на решение за името пред самитот на ЕУ

Премиерот Зоран Заев денеска изрази надеж дека многу брзо ќе биде постигнато решение за спорот за името меѓу Македонија и Грција и оти тоа би можело да се случи пред Самитот на ЕУ закажан за 28 и 29 јуни.

Заев денеска во Арачиново каде што беше означен почетокот на проектот за изградба на нова општинска зграда, истакна дека брзото решавање на спорот е врзано, како што кажа, со нашата желба да има решение пред Самитот на ЕУ и пред Советот на ЕУ закажан за 25 и 26 јуни, нагласувајќи дека деновите се броени.

Потенцира дека е битно да се постигне квалитетно решение кое што ќе биде правно поткрепено, достоинствено и ќе го зачува идентитетот, поради тоа што понатаму тоа решение треба да има и позитивен одзив кај граѓаните на земјава кои за него треба да на крај да се изјаснат на референдум.

Заев истакна дека постојано се одржува комуникација на сите нивоа во Владата во однос на прашањето за името и оти се разгледуваат различни стратегии завршување на овој 25 годишен спор. Додаде дека веднаш откако ќе има телефонски разговор со грчкиот премиер Алексис Цирпас, ќе ја информира јавноста.

– Се работи за последните моменти во обидите да се приближиме околу ставовите и оти кога тоа ќе се случи заеднички ќе ја соопштиме среќната вест и за граѓаните на Република Македонија и за граѓаните на Република Грција – рече Заев.

Нагласи оти секако тоа би бил договор најпрво меѓу претседателите на двете влади, меѓу министрите за надворешни работи, а кога тоа ќе се случи веднаш ќе бидат информирани шефот на државата, шефот на опозицијата, другите политички лидери и граѓаните.

За името кое што ќе биде постингато како моижно решение не сакаше да шпекулира ниту сакаше да одговори на новинарско прашање дали Република Северна Македонија како најчесто споменувано во грчките медиуми е можната прифатлива опција.

Нагласи дека во Германија не заминува на средби со високи германски претставници кои би дале поттик за решавање на спорот. Заев рече дека прашањето се решава на ниво на билатерална комуникација меѓу Грција и Македонија, а дека поддршката што ја даваат ЕУ, САД и сите меѓународни чинители е мошне важна во целиот процес.

Translate »