Грчки медиуми: Северна Македонија е името за кое се договориле Ципрас и Заев, договорот ќе го потпишат викендов
Република Северна Македонија е името за кое се договориле двајцата премиери, а договорот меѓу двете земји, Зоран Заев и Алексис Ципрас ќе го потпишат во текот на викендот, веројатно во сабота во Преспа, на грчка територија, објавуваат медиумите во Грција, пренесе МИА.
Сепак, како што се наведува сѐ ќе биде појасно по денешниот телефонски разговор меѓу двајцата премиери, за кој грчките медиуми коментираат дека е клучен и веројатно ќе доведе до решение.
„Скопско прашање: еден чекор пред договор“; „Денес се затвора скопското прашање“; „Денес клучниот телефонски разговор“; „Северна Македонија договорено име“, се дел од насловите во грчките медиуми, во пресрет на денешниот, нов, телефонски разговор.
Грчките медиуми денеска ги пренесуваат и пораките што вчера ги испратија, како македонскиот премиер преку интервјуто за „Телма“, така и шефот на грчката дипломатија преку телевизијата „Контра“ и оптимизмот што го изразија и Зоран Заев и Никос Коѕијас.